Опозиционерите обвинија дека со законските измени власта планира партизација во Министерството за внатрешни работи и побараа итно поништување на спорните одредби и стопирање на сите, како што велат од СДСМ, незаконски прераспоредувања и постапки на ресорниот министер Панче Тошковски кои се донесени врз основа на овој закон
Опозицискиот СДСМ денеска поднесе иницијатива до Уставниот суд за оценување на уставноста на Законот за внатрешни работи, чии измени во јануари годинава беа усвоени од Собранието по скратена постапка.

Партијата обвини дека со законските измени власта планира партизација во Министерството за внатрешни работи и побара итно поништување на спорните одредби и стопирање на сите, како што велат од СДСМ, незаконски прераспоредувања и постапки на ресорниот министер Панче Тошковски кои се донесени врз основа на овој закон.
„Со новиот Закон за внатрешни работи, кој го донесоа и го менуваа неколкупати за само една година, ВМРО-ОКГ и Тошковски ги деградираат професионалците и инсталираат партиска војска во полицијата. Тошковски прераспоредува полициски службеници ‘по потреба на службата’ без никакви критериуми и без согласност на вработените. Професионалци со 30 години искуство, кои со децении граделе кариера, преку ноќ се уназадени од раководни позиции до најниски извршители. Се формираат партиски комисии за селекција кои надвор од очите на јавноста и без вклучување на репрезентативниот синдикат, ќе одлучуваат кој е ‘подобен’ а кој не“,
велат од СДСМ.
Опозиционерите обвинија дека министерот за внатрешни работи удрил и по џебот на граѓаните бидејќи работното искуство на полицајците повеќе не е дел од основната плата, со што, како што велат, се намалува вредноста на сите додатоци како прекувремена и ноќна работа.
„Се укинува и загарантираниот додаток за овластување од 20 и 30 отсто, а наместо тоа, Тошковски носи класифицирани листи за тоа кој заслужува додаток на плата. Значи, платата на полицаецот повеќе не зависи од неговиот труд и закон, туку од желбата на Панче Тошковски“,
велат од опозициската партија.
Според СДСМ, целата на власта со носењето на измените на Законот за внатрешни работи е МВР да се претвори во партиски механизам за пресметка со неподобните и заштита на владиниот криминал и корупција.
