Според неа, надзорна расправа за Кочани мора да се одржи, тоа го ветувале и пратениците на ВМРО-ДПМНЕ, но сега откако пред месец и повеќе дена е поднесен обвинителниот акт за случајот, тие молчат
Пратеничката од Левица, Јована Мојсоска, смета дека власта предводена од ВМРО-ДПМНЕ нема веќе аргументи за одлагање надзорна расправа и формирање анкетна комисија за трагедијата во Кочани, имајќи предвид дека обвинителниот акт за случајот е поднесен пред повеќе од еден месец.
На својот фејсбук-профил порача дека надзорна расправа за Кочани мора да се одржи, а оти тоа го ветувале и пратениците на ВМРО-ДПМНЕ, но сега откако пред месец и повеќе дена е поднесен обвинителниот акт за случајот, тие молчат.
„Во сите нивни изјави и медиумски настапи пред неколку месеци, пратениците од власта тврдеа дека надзорна расправа ќе има штом се поднесе обвинителскиот акт, наводно да не се попречува истрагата. Кога ВМРО-ДПМНЕ во Собранието ја саботираше иницијативата за надзорна расправа, пратеничката Дафина Стојаноска изјавуваше дека истрагата не е завршена и дека треба да почекаме да биде формиран тој обвинителен акт, па потоа како пратеници да расправаме на тема трагедијата во Кочани. И пратеничката Драгана Бојковска твредеше дека самите ќе иницираат расправа за Кочани штом заврши истрагата. Но, помина повеќе од месец од поднесувањето на обвинителниот акт, а пратениците од власта молчат“,
вели таа.
За време на саботниот „Марш на ангелите“, во обраќањe пред Собранието, Наталија Ѓорѓиеска, сопругата на пејачот Андреј Ѓорѓиески од ДНК, кој загина во пожарот во „Пулс“, побара пратениците да иницираат надзорна расправа и посебна анкетна комисија за, како што рече, целосно и независно испитување на случајот.
Според неа, анкетната комисија е неопходна за проверка на постапувањето на сите институции од локално до централно ниво, да се утврди евентуална политичка или службена одговорност и да се подготват мерки кои ќе гарантираат дека ваква трагедија никогаш веќе никому нема да се случи.
На 19 ноември (среда) ќе почне судењето за случајот во кој се обвинети 35 физички лица и три фирми.