За оваа тема мора да си подадеме рака едни на други, за сите теми ќе продолжиме да се натпреваруваме, но за оваа тема мора да постигнеме консензус доколку сакаме да станеме членка на ЕУ, вели министерот за надворешни работи

Министерот за надворешни работи Бујар Османи смета дека сега е време за поблиска соработка меѓу политичките партии, посочувајќи на уставните измени, реформите за ЕУ што треба да се спроведат, енергетската и економската криза. Во однос на преговорите со ЕУ, Османи смета дека лидерите на политичките партии треба да се сретнат и да си подадат рака, а опозицијата да биде одговорна за овие прашања во Собранието.
„Темата за ЕУ да не биде дневно политичко прашање, а одговорноста и заслугите да бидат заеднички“,
вели Османи.

Тој ги повика првите луѓе на политичките партии, како што кажа, да смогнат сили и да се состанат за ова прашање. Вакво размислување, според Османи, има и во Владата.
„И тоа е пораката прво до лидерите на политичките партии, да се обидат барем за оваа тема. За оваа тема мора да си дадеме рака и да ја поделиме и одговорноста, но и заслугата утре. Никој да не може да се пофали дека направил нешто за ЕУ затоа што тоа ќе биде поделена заслуга. Опозицијата го води комитетот во Собранието, Владата во Влада“,
изјави Османи, одговарајќи на новинарски прашања откако завчера беше објавен Извештајот на ЕК за напредокот на земјава.
Министерот за надворешни работи смета дека темата за преговорите со ЕУ треба да биде настрана од дневната политика, посочувајќи на примерот со Хрватска.
„Ние мора тоа да го направиме, или на лидерска средба или во некаков друг формат да си подадеме рака едни на други, дека за сите теми ќе продолжиме да се натпреваруваме, дека за оваа тема мора да постигнеме консензус доколку сакаме да станеме членка на ЕУ. И нема друг начин“,
вели Османи.
Според него, во Хрватска клучно било оваа тема да биде надвор од дневно-политичките прашања и опозицијата и власта секогаш заеднички да најдат решенија за европскиот процес.
„Меѓутоа опозицијата била надлежна во Собранието за овие процеси, а се разбира Владата во институциите. Тој договор на тогашниот хрватски премиер и тогашниот лидер на опозицијата се смета дека било клучниот момент за Хрватска за толку години да го заврши овој процес“,
додаде министерот Османи.
Европската комисија, како што посочи, констатира дека Собранието не е на ниво на задачата токму поради поларизацијата и обидот за блокирање на законодавниот дом.
„Нема да навлегувам во прашањата од дневнополитички активности, во однос на законите коишто се поврзани со ЕУ, мора да седнеме и да постигнеме договор којшто ќе ги надмине рамките на еден мандат, државен договор меѓу политичките партии дека за оваа тема, независно кој е утре на власт, независно кој е во опозиција, имаме еден ист став. Нема друг начин. Само ќе вртиме во круг и ќе заглавиме“,
рече Османи.
Прашан за тоа дали би ја повикал Алијанса на Албанците да биде дел од Владата, Османи повтори дека не може да прејудицира какви ќе бидат конкретните соработки во следниот период, но дека времето изискува поблиска координација меѓу политичките партии. Кризата и реформите за влез во ЕУ, како што кажа, бараат поблиска соработка.
„Дали тоа ќе значи некаква формална соработка не можам да прејудицирам. Само го објаснувам контекстот дека сега е време за поблиска соработка помеѓу политичките партии“,
рече Османи.
Министерот за надворешни работи учествуваше на панел дискусијата насловена: „Со сите капацитети до европски стандарди – институции кои испорачуваат за граѓаните“, настан во организација на Секретаријатот за европски прашања, а по повод објавениот редовен Извештај на Европската комисија за напредокот на земјава за 2022 година.
Министерот Османи поздравувајќи ги наодите во Извештајот на Европската комисија и позитивните оценки во сите области, го стави акцентот на највисоката оценка – многу добар напредок –за перформансите на надворешната политика на државата, потенцирајќи дека ова е единствениот сегмент кој ретко е оценет со оваа висока оценка.
Министерот Османи ја апострофираше потврдата од Европската комисија дека Северна Македонија е веродостоен партнер на Унијата преку вистинска посветеност на земјата кон вредностите на кои ЕУ е заснована.
“Уште еднаш ја потврдивме нашата цврста и непоколеблива стратешка определба – идно полноправно членство во Унијата. Сакам да потенцирам, дека ова не го направивме само за добиеме подобар Извештај од Европската комисија или за да го направиме нашиот силен ‘ЕУ случај’ уште поубедлив. Не, ја донесовме таа одлука бидејќи тоа беше правилната работа која требаше да се направи. Одлуката не беше ни малку лесна и знаевме дека доаѓа со низа последици од безбедносна, економска и енергетска природа“,
рече Османи.
На крајот од своето излагање, министерот Османи посочи на потребата од одлучност и посветеност во работата и во следниот период во насока на унапредување на политичкиот дијалог со ЕУ и со земјите членки на ЕУ и продлабочување на регионалната соработка, особено во актуелните геополитички околности кои налагаат заеднички пристап и координација за справување со многубројните предизвици на политички, безбедносен, социо-економски план.
„Се работи за еден природен процес на поместување на нашата надворешна политика согласно новата улога на земјата како НАТО – земја членка, со започнат Стратешки дијалог со САД, претседавач со најголемата регионална организација ОБСЕ следната година и иден претседавач со ПСЈИЕ, регионалната иницијатива во Југоисточна Европа, со значаен придонес кон развојот и на регионот“,
заклучи Османи.
