Премиерот Зоран Заев во видеообраќање ги поосочи зголемувањето на платите, на минималната плата, субвенциите за придонеси на фирмите, решавање на статусот на стечајните работници
Македонската економија е пред колапс, велат од најголемата опозициска партија, ВМРО-ДПМНЕ и се повикуваат на Светска банка
Работните места на прво место! Тоа беше главната цел на првите состаноци со економските тимови кога почна пандемијата. И задоволен сум што оваа наша цел немаше многу противници – напротив, преку заеднички консултации и со фирмите и со синдикатите, успеавме да ги задржиме работните ангажмани на многу наши граѓани и со тоа да ја држиме економијата жива и динамична.
Ова во видеообраќање по повод Меѓународниот ден на трудот – 1 Мај го порача премиерот Зоран Заев.
„Освен здравјето на луѓето, кризата се закани да загрози илјадници работни места. Токму затоа, на прво место на економските приоритети на Владата, уште од почетокот на пандемијата беше македонскиот работник – обезбедивме поддршка за да се зачуваат илјадници работни места, за илјадници вредни работници редовно да земаат плати и да однесат приход во своето семејство“,
вели тој во пораката.
Како најзначајни владини потези тој го издвои зголемувањето на платите и покрај ударот од глобалната ковид – криза – на минималната плата од 9 000 до над 15 000 денари, растот на платите во здравството, образованието, армијата, во полицијата и во социјалниот сектор, како и субвенциите за придонеси на фирмите, решавање на статусот на околу 12 000 стечајни работници кои добиваат месечен надоместок од 8 000 денари до нивното пензионирање, најавата за недела – неработен ден…
Заев најави дека преку Економско-социјалниот совет и соработката со синдикатите во следниот период се работи на новиот текст на Предлог-законот за работните односи.
Но, за разлика од премиерот, опозицијата со поинаква диоптрија гледа на економската ситуацијаа во земјата и на правата на работниците.

Македонската економија е пред колапс, велат од најголемата опозициска партија, ВМРО-ДПМНЕ и се повикуваат на Светска банка, која, како што велат индицира дека економијата нема да се врати во кондиција како пред пандемијата ниту во наредните 2 години, а го посочуваат и јавниот долг, со што заклучуваат дека економските политики на власта се промашени.
„Дека економските политики на власта се катастрофални зборува и фактот дека јавниот дoлг е проектиран да порасне и до над 65 % од бруто домашниот производ. Индикаторите на економско расположение покажуваат дека и мерките за помош на економијата се промашени… Ова го потврдува фактот дека невработеноста не е намалена напротив ќе се зголемува поради фактот што над 60 000 луѓе ги загубија своите работни места за време на пандемијата“,
велат од ВМРО-ДПМНЕ во соопштението и заклучуват дека власта не е насочена кон спас на економијата, туку кон лично богатење, корупција и криминал.
