Неколку медиуми во земјава изминатиот викенд објавија дека најстариот универзитет во С Македонија, „Св. Кирил и Методиј“, се најде на 1 944. место на светското рангирање на универзитети познато како Шангајска листа. Резултатот за 2021/2022 година, известија некои јавни гласила, значи и дека УКИМ доживеал пад од 24 места во споредба со 2020 година што, пак, предизвика дебата на политичката и јавната сцена
Но, тие што првично ја објавија веста потоа ја избришаа, а дебатата сè уште трае. Премиерот Ковачевски дури најави и средба со ректорот на УКИМ за заеднички да се најде начин за подобрување на пласманот на Шангајската листа. Фактите говорат дека ниту има нова Шангајска листа ниту, пак, УКИМ кога било бил рангиран на неа

Веста за ниското позиционирање на УКИМ на Шангајската листа веќе неколку дена е предмет на коментари во јавноста.
„УКИМ е единствениот Универзитет од Македонија кој се најде на оваа ранг-листа. Од регионот на високи места се Универзитетот во Белград – на 348. место, Универзитетот во Љубљана на 374. место, Загреб на 525. место. Минатата година УКИМ бил на 1 917. место, а оваа година има пад од 27 места“,
се дел од објавите во медиумите.
Меѓутоа, проверката што ја направи „360 степени“ покажува дека Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје ниту е ниту, пак, некогаш бил рангиран на познатата Шангајска листа. Со само неколку клика на официјалната веб-страница, може да се види дека последното рангирање на листата е објавено лани, дека таму го нема УКИМ ниту некој друг македонски универзитет. Згора на сè – Шангајската листа ги „мери“ најдобрите 1 000 универзитети, така што позиционирањето на 1 944. место е невозможно.

Нашето мини истражување покажа дека она што во земјава беше прикажано како рангирање на Шангајската листа, всушност, е ранг–листа на Центарот за универзитетско рангирање (CWUR) со седиште во Обединетите Арапски Емирати. Како што пишува на официјалната веб-страница, CWUR е консултантска организација која обезбедува совети за политики, стратегиски согледувања и консултантски услуги на владите и универзитетите за подобрување на образовните и истражувачките резултати.

Дополнително, пребарувањето на листата што се прави во Обединетите Арапски Емирати покажа дека таа е стара безмалку една година, ако се земе предвид дека е објавена на 26 април 2021 г. Тогаш домашните медиуми ја пренеле коректно и немало реакции.

Причината што веста сега доби на внимание е тоа што рангирањето од Арапските Емирати беше наречено Шангајска листа. Освен што веста ја презедоа неколку медиуми, на неа се приклучи и опозициската ВМРО-ДПМНЕ која во изминативе денови одржа прес-конференции на кои ја обвинуваше власта за пад на УКИМ на Шангајската листа и за криза на високообразовниот процес во земјава.
„Оваа власт на СДСМ и ДУИ не иницира иновации, нема нови унифицирани бази на податоци, нема реформи во високото образованието кои се спроведуваат согласно со потребите на пазарот на трудот и општествените потреби. Затоа науката е на ниско ниво и затоа имаме ниско рангирање на Шангајската листа. Истражувањата направени минатата година потврдуваат дека образовните политики на актуелната власт се исклучително погрешни. Оваа власт не се вклучи со ниту еден генерален став за избор на стратегија за образовниот процес, туку истото зависи од желбата на оној кој е министер за образование“,
изјави денеска портпаролката на ВМРО-ДПМНЕ, Марија Митева.
Реагираше дури и премиерот Димитар Ковачевски, кој најави дека ќе одржи состанок со ректорот на УКИМ за да види што може да помогне државата, а што можат да направат самите универзитети за унапредување на работењето и искачување на Шангајската листа.
„Сите универзитети се евалуираат врз основа на стандардите на независното тело за оценување на универзитетите. Универзитетите во нашата држава се независни во спроведувањето на своите образовни и истражувачки политики и секако дека од критериумите врз основа на кои се прави оценувањето и од тоа што имаат сите универзитети поединечно направено зависи и рангирањето на самата Шангајска листа“,
изјави Ковачевски.
Шангајската листа не е единственото рангирање на квалитетот на универзитетите низ светот. Напротив, ги има многу. Разликата е што Шангајската листа веќе има стекнато значително реноме, иако секогаш ќе останат дебатите за методологијата што се употребува за рангирањето на еден универзитет.
Фактот што ниту еден македонски универзитет не завршил на Шангајската листа значи дека ниту еден наш универзитет никогаш не бил во најдобрите 1 000 во светот. Така било порано, а така е и сега. Се разбира, прашањето за унапредувањето на работата на домашните високообразовни установи е секогаш актуелно, но и тоа мора да се прави врз основа на релевантни забелешки и факти.