Гоце Наумовски, кој е професор на катедрата по римско право на Правниот факултет „Јустинијан Први“, е надворешен советник на премиерот Христијан Мицкоски и брат на ексвицепремиерот за европски прашања во една од претходните влади на ВМРО-ДПМНЕ, Васко Наумовски
Парламентарната Комисија за прашања на изборите и именувањата вчера на седница го предложи универзитетскиот професор Гоце Наумовски за член уставен судија. Предлогот, за кој Собранието треба да се изјасни на пленарна седница, предизвика нови препукувања меѓу опозицискиот СДСМ и владејачката ВМРО-ДПМНЕ, но и реакции во јавноста.

Причина за реакциите во конкретниот случај не е прашањето за стручноста, туку дилемите за непристрасност на владејачкото мнознство што го предложи во смисла на партизација на судството, бидејќи Наумовски е надворешен советник на премиерот Христијан Мицкоски и брат на ексвицепрмиерот за евроинтеграции во една од претходните влади на ВМРО-ДПМНЕ, Васко Нуамовски.
На овие моменти денеска реагира опозицискиот Социјалемократски сојуз, кој предлогот Наумовски да биде уставен судија го оцени како кадровско решение од кабинетот на премиерот, обвинувајќи дека со тоа се потврдува намерата на власта да ги земе под целосна своја контрола судството и обвинителството.
„Го сменија јавниот обвинител и планираниот избор на обвинител под своја контрола. Сопруга на градоначалник на ВМРО назначија за член на Судски совет. Сега советник на Мицкоски во Уставниот суд. Носат закони за правосудатво кои се спротивни на препораките на ЕУ. Тотална партизација на државата, партиски контролирано судство, судии и обвинители од тефтерчињата. Исто како во времето на Никола Груевски. Следува целосно погребување на правдата и правната држава“,
наведоа од СДСМ во реакцијата.
Од ВМРО-ДПМНЕ, пак, одговорија дека Гоце Наумовски не е член на партија, туку угледен професор, за разлика од последните два предлози на СДСМ за членови на Уставниот суд, кои, според владејачката партија, биле целосно партиски решенија.
„Како Ана Павловска-Данева, поранешен потпретседател на СДС и Јадранка Дабовиќ, носител на СДС за Град Скопје на локалните избори во 2005 година. Додека судијката Даниела Алексовска-Стојановска, во семејната куќа во Ранковце, смести општински штаб на СДС. Оттука јасно се направи тотална партизираност и контрола на судството“,
велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Поранешната судијка во Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП) во Стразбур, Маргарита Цаца Николовска, без да коментира дали Наумовски одговара да биде избран на позицијата уставен судија, во изјава за ТВ Телма упатува на стандардите на ЕСЧП според кои важна е перцепцијата за непристрасност, т.н. објективен изглед.
„Големо е прашањето колку се сака да се има незавинсо и непристрасно судство во државата. Она што се напаѓаше цело време, сегашната опозиција, во суштина сега се прави истото. Самата позиција како советник (на премиерот н.з.) упатува на овој стандард за кој што зборував, особено во оваа ситуација кога има забелешки за непостоење на незавиност и непристрасност во судството. Треба повеќе да се внимава“,
вели Маргарита Цаца Николовска.
Гоце Наумовски е професор на катедрата по римско право на Правниот факултет „Јустинијан Први“ и е брат на ексвицепремиерот за европски прашања Васко Наумовски. Тој за уставен судија вчера беше предложен од претседателот на собраниската Комисија за прашања за изборите и именувањата, Ѓорѓија Сајкоски од ВМРО-ДПМНЕ, кој посочи дека Наумовски има импресивна биографија и кредибилитет за уставен судија и ќе го штити уставот и интересите на граѓаните. Комисијата без дискусија и со мнозинство гласови го утврди професорот како предлог за уставен судија, за кој парламентот треба да се изјасни на пленарна седница.

Доколку биде избран, Наумовски ќе седне на местото што остана испразнето откако професорката Јадранка Дабовиќ-Анастасовска во декември лани си поднесе оставка поради здравствени и лични причини.
Во моментот тече и огласот што го објави Судскиот совет за пополнување на уште едно испразнето место во Уставен, она на судијката Елизабета Дуковска, чиј избор беше поништен од страна на Управниот суд.
