Од Владата посочуваат дека за време на средбите владината делегација ќе се осврне и на мерките што се преземаат во рамки на спроведување на препораките од реактивните мисии на УНЕСКО и Стратегискиот план за рехабилитација
Владина делегација предводена од вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски е во дводневна работна посета на Париз во рамки на која ќе биде остварена средба со генералниот директор на УНЕСКО, Калед Ел-Енани, и други претставници на организацијата. На средбите, како што соопштија од Владата, ќе бидат потенцирани заложбите за зачувување на статусот на природното и културното наследство на Охридскиот Регион.

„Исто така, ќе биде истакнато дека државата воспоставува систем за заштита кој гарантира зачувување на интегритетот и автентичноста на Охридскиот Регион како исклучителна универзална вредност“,
додаваат од Владата.
Оттаму посочуваат дека за време на средбите владината делегација ќе се осврне и на мерките што се преземаат во рамки на спроведување на препораките од реактивните мисии на УНЕСКО и Стратегискиот план за рехабилитација.
Покрај Николоски, дел од владината делегација која денес и утре е во работна посета на Париз се и министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски, министерот за култура и туризам Зоран Љутков, министерот за животна средина и просторно планирање Муамет Хоџа, градоначалникот на Општина Охрид, Кирил Пецаков, и градоначалникот на Општина Струга, Менди Ќура.
