„Сега почнува процесот. Тие се согласуваат и сега го даваат тоа во писмена форма. Ќе ги информираат сите православни цркви и почнува процесот“, вели владиката Тимотеј
Владиката Тимотеј смета дека документот што денеска српскиот патријарх Порфириј му го врачи на поглаварот на МПЦ-ОА г.г. Стефан, е всушност акт со кој се потврдува написмено она што српскиот патријарх го соопшти во Скопје.
Тој во изјава за „ТВ Сител“ вели дека ова е дел од процесот до конечно добивање на официјалниот Томос од Вселенскиот патријарх.
„Сега почнува процесот. Тие се согласуваат и сега го даваат тоа во писмена форма. Ќе ги информираат сите православни цркви и почнува процесот“,
рече владиката Тимотеј.
Српскиот патријарх Порфириј денеска му врачи акт на поглаварот на МПЦ-ОА г.г. Стефан со кој се потврдува одлуката на СПЦ, која беше објавена на 24 мај по сослужувањето на заедничка литургија во Соборниот храм во Скопје, со која СПЦ ја одобри и упати благослов за автокефалноста на МПЦ – ОА, ставајќи крај на 55-годишниот спор меѓу двете цркви.

Со овој чин на СПЦ се отвори и процесот за стекнување Томос за автокефалност кој двете сестрински цркви очекуваат да биде доделен од страна на вселенскиот патријарх Вартоломеј.
На денешната ариерејска литургија во Белград во Соборниот храм на Свети Архангел Михаил во Белград служеа српскиот патријарх Порфириј и архиепископот на МПЦ –ОА г.г. Стефан, со епископи од двете цркви.
„Сега и Света Софија Охридска, врз кој се видливи сите наши лузни, ќе продолжи да биде храм на заедничките евхаристички радости да се напластува единството со сите православни цркви“,
порача поглаварот на МПЦ-ОА г.г Стефан во беседата по заедничката архиерејска литургија во Белград.

Г.г Стефан денеска потенцираше дека процесот продолжува со посетата на Вселенската патријаршија, каде на Педесетница ќе има литургија со Вселенскиот патријарх, по што се надева дека и останатите православни цркви ќе ја прифатат автокефалноста на МПЦ-ОА.
„Веруваме дека примерот на СПЦ кон нас ќе го подржат и останатите сестрински парвославни цркви, а Вие, ваша светост, направивте чекор со историско значење, како за нашата МПЦ, така веруваме за целото православие“,
кажа архиепископот Стефан.
Поглаварот на МПЦ-ОА, г.г. Стефан во интервју за грчкиот весник „То Вима“, појаснува дека во православното предание има ред на работите.
„Ние се надеваме за автокефалија како што добија и од кого добија сите послехалкидонски цркви. Ниту бараме, ниту посакуваме, ниту заслужуваме експресни решенија, не сакаме нешто што ќе ја постави Охридската Архиепископија на половина пат и измеѓу“,
вели меѓудругото поглаварот на МПЦ-ОА.
Патријархот Порфириј изјави денеска – „по благодата Божја имаме прилика да го овенчаме тоа што веќе постои меѓу нас“.
„А тоа е единството, кое во еден период беше нарушено, но е воспоставено во духот на Црквата, а тоа е Македонската црква – Охридската архиепископоија дека има не само услови потребни да се организира во контекст на автокефална црква и дека тоа е најдобар можен начин и метод за животот на нашите православи браќа и сестри во Северна Македонија. Затоа она што веќе го реализиравме преку служењето на литургија во Скопје, денеска чувствуваме и јавно пред сите да го објавиме документот, кој се нарекува Томос“,
порача Порфириј по денешната литургија во Белград.
СПЦ во Томосот изрази и „братската препорака“ до МПЦ прашањето за нејзиното име да се реши во дијалогот со „хеленската и другите помесни православни цркви“.
Според документот, СПЦ го предава целиот свој имот на територијата на Северна Македонија на „новата автокефална црква во таа земја“.
„Светите храмови и манастири, особено светилиштата од времето на Немањиќи и подоцнежниот период на српското присуство, црковното градење и културното творештво на територијата на денешна Северна Македонија, како и вкупниот движен и недвижен имот на СПЦ, во нејзините граници, се даваат на користење на новата автокефална сестринска црква“,
се наведува во актот.
Во документот се наведува дека тоа е полна автокефалност и дека се однесува на матичната земја каде што делува МПЦ како и на дијаспората.
Вселенскиот патријарх на 9 мај 2022 година објави одлука за враќање на нашата Црква во канонско единство со останатите православни цркви. Познато е дека вселенскиот патријарх Вартоломеј уште во февруари 2022 година испрати писмо до СПЦ со апел да го реши процесот со МПЦ-ОА.
Г. г. Стефан на заедничка литургија со патријархот Порфириј во Соборниот храм во Скопје обзнани дека Вселенската патријаршија ја прифатила молбата на МПЦ-ОА за сослужение што ќе се одржи во храмот во Фанар на роденденот Црквата, на празникот Педесетница (12 јуни).