За иницирањето на Манифестот денеска речеси во исто време преку писмени соопштенија информираа од СДСМ и од Демократската унија за интеграција (ДУИ), од каде што повикуваат дека е време за обеднување на сите политички лидери преку потпишување на Манифестот, со кој сите заедно ќе се обврзат за ефикасно водење на преговорите за пристапување во Европската Унија
Имајќи предвид дека преговорите за членство во ЕУ ќе се водат во различни собраниски и владини состави, во Манифестот се наведува: „…ја потврдуваме потребата од воспоставување на засилена соработка помеѓу сите политички партии застапени во Собранието која ќе се остварува постојано без разлика од составот на владејачкото мнозинство“
На крајот од Манифестот иницијаторите повикуваат Собранието да ги усвои уставните измени за автоматско и безусловно одржување на втората Меѓувладина конференција за комплетирање на отворачката фаза на преговорите, без дополнителни одлуки од страна на земјите членки
Социјадемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ) и другите партии иницираа Манифест за поддршка на водењето на преговорите за полноправно членство на С Македонија во Европската Унија.

За иницирањето на Манифестот денеска речеси во исто време преку писмени соопштенија информираа од СДСМ и од Демократската унија за интеграција (ДУИ). Кратко по нивните објави се огласија од Алијанса за Албанците кои ја потврдуваат својата поддршка на документот.
„СДСМ како државотворна партија е предводник на концептот за европска иднина. Во оваа насока СДСМ, заедно со политичките партии од коалицијата дава силна поддршка на Манифестот на лидерите на политичките партии застапени во Собранието, а во врска со водењето преговори за полноправно членство во ЕУ. Овој Манифест е на линија на политиките на СДСМ, тој е добра основа за градење единство околу иднината на земјата и со него Собранието дефинира рамки на позиции по кои мора да постапуваат сите надлежни институции во преговорите со ЕУ“,
се наведува во соопштението од СДСМ.

Оттаму порачуваат дека е време за обединување на сите политички лидери, преку потпишување на Манифестот, со кој сите заедно ќе се обврзат за ефикасно водење на преговорите за пристапување во Европската Унија.
„Политиките на СДСМ и коалицијата, за интеграција во НАТО и полноправно членство во ЕУ не се само политики за остварување на врвните стратешки приоритети и национални интереси, тоа се политики за сигурна и стабилна иднина за сите граѓани, економски напредок, развој и европски вредности. Ние сме чувари на македонскиот идентитет, јазик, култура и традиција, но и на заедништвото меѓу сите наши граѓани, без разлика на етничка, верска или друга припадност. Токму преку овој Манифест сите лидери на политичките партии се обврзуваат дека ќе настојуваат пристапните преговори да завршат во најкраток можен рок, а притоа целосно заштитувајќи го идентитетот, традицијата, јазикот и општествените вредности на граѓаните. Визијата за европска држава, рамо до рамо со големите државотворни европски народи е нашата голема идеја и дел од нашето државничко делување во изминатите години“,
велат од „Бихаќка“.
Силна поддршка на Манифестот за водење на преговорите за членство од ЕУ се наведува и во соопштението од ДУИ.

Оттаму велат дека нивната поддршка доаѓа како резултат на нејзината силна промоција на ЕУ-интеграциите и како партија која недвосмислено ја потврдува својата решеност за реализирање на оваа стратешка цел.
„Оттука, ДУИ смета дека е време за обединување политички партии, неполитички субјекти и невладини организации преку овој важен чекор на потпишување на заеднички Манифест со кој сите заедно ќе се обврзат за ефикасно и квалитетно водење на преговорите за пристапување во ЕУ… Со предлог Манифестот, изјавуваме дека ќе се залагаме за реализација на сите обврски кои произлегуваат од политичките критериуми за членство во ЕУ, меѓу другото и околу унапредување на добрососедските односи, заштитата на основните човекови права, правата на заедниците, но и усогласување на националното законодавство со законодавството на ЕУ со фокус на владеење на правото, борбата против корупцијата и функционирањето на демократските институции“,
се вели во соопштението од ДУИ.
Во соопштенијата од партиите интегрално е објавен текстот на Манифестот.
Тој е поделен на два дела. Во воведниот дел на почетокот се истакнува јасно изразената определба на граѓаните на Република Северна Македонија без разлика на етничката припадност и јасно изразениот консензус на сите политички субјекти за полноправно членство на Република Северна Македонија во Европската Унија. Во понатамошниот текст од овој дел се наведени досегашните чекори, активности, акти, договори и одлуки што се направени досега на патот на земјава за членство во ЕУ.

Во вториот дел е содржината на целите за кои се залагаат партиите иницијатори и повикот за обединување околу стратешката цел на државата за членство во Унијата.
„Ние, долупотпишаните, свесни за историската важност и одговорност за водење на преговорите за полноправно членство на Република Северна Македонија во Европската Унија што претставува споделена стратешка цел на државата и сите нејзини граѓани, ја реафирмираме нашата позиција дека клучен државен интерес на Република Северна Македонија е што поквалитетно завршување на преговарачкиот процес и оттаму што побрз влез во полноправно членство во Европската Унија. Поаѓајќи од изразената намера Северна Македонија да ја достигне подготвеноста за полноправно членство во 2030 година, ние, политичките партии претставени во Собранието со своето делување се обврзуваме пристапните преговори да завршат под најповолните остварливи услови и во најкраток можен временски рок, потполно свесни за обврските кои произлегуваат од членството во ЕУ“,
се наведува во Манифестот.
Имајќи предвид дека преговорите за членство во ЕУ ќе се водат во различни собраниски и владини состави во документот се наведува:
„…ја потврдуваме потребата од воспоставување на засилена соработка помеѓу сите политички партии застапени во Собранието која ќе се остварува постојано без разлика од составот на владејачкото мнозинство. Преговорите со Европската Унија ќе ги води Владата на Република Северна Македонија. Истовремено, со оглед дека членството во Европската Унија е израз на волјата на големото мнозинство на граѓаните на државата потврдуваме дека во Собранието ќе соработуваме за исполнување на оваа цел заеднички споделувајќи ги одговорноста и заслугите во текот на целиот преговарачки процес“

Сите политички партии застапени во Собранието, се вели понатаму, ќе имаат можност да се произнесат и да дадат препораки за кое било прашање по однос на преговарачките позиции по поедините преговарачки поглавја во меѓусебен дијалог со Владата во рамки на Собранието.
„Ја нагласуваме потребата од зајакнати заеднички активности за навремено и квалитетно информирање за сите аспекти поврзани со Европската Унија, процесот на преговори како и од придобивките од полноправно членство во отворен дијалог со сите општествени субјекти. Ја нагласуваме и важноста од активна улога на сите граѓани на Северна Македонија во процесот на пристапување во ЕУ. Граѓаните на Северна Македонија ќе одлучат за пристапувањето во ЕУ преку референдум кој ќе се одржи пред потпишувањето на Договорот за пристапување на Северна Македонија во Европската Унија, односно по завршувањето на преговорите. Собранието на Република Северна Македонија ја задолжува Владата на Република Северна Македонија преку државната делегација за преговори со ЕУ, Секретаријатот за европски прашања“,
се наведува во Манифестот.
Според наведеното во Манифестот, Министерството за надворешни работи и експертскиот преговарачки тим се задолжуваат доследно „да се придржуваат кон определбата за безусловно почитување на јазичните, идентитетските, историските и културните особености на македонскиот народ, како елементи за кои не се преговара со Европската Унија“.
„Исто така ја задолжува Владата преговорите да се водат на рамноправна и принципиелна основа, почитувајќи ги нормите на меѓународното право, со безрезервно почитување на достоинството и посебноста на македонскиот народ, како и во целосна согласност на Резолуцијата усвоена од Собранието на Република Северна Македонија, на 29 јули 2021 година“,
наведуваат инцијаторите на Манифестот.

Во него се посочува дека во текот на пристапните преговори „Владата нема да прифати да разговара за поинакво решение за македонскиот јазик од тоа наведено во Преговарачката рамка“.
„Со приемот на Република Северна Македонија во полноправно членство во ЕУ, македонскиот јазик да стане еден од службените јазици на ЕУ без било какви објаснувања, додавки или фусноти“,
се наведува во Манифестот.
На крајот од Манифестот иницијаторите повикуваат Собранието да ги усвои уставните измени за автоматско и безусловно одржување на втората Меѓувладина конференција за комплетирање на отворачката фаза на преговорите, без дополнителни одлуки од страна на земјите членки.
„Собранието ја обврзува и насочува Владата, но и сите надлежни органи задолжени за надворешната политика и европристапните преговори да постапуваат во рамките на позициите утврдени со оваа Декларација“,
се посочува во документот.
Иницијатори и потписници на Манифестот се: Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ), Демократската Унија за Интеграција, (ДУИ), Алијанса за Албанците (АА), Либерално-демократска партија (ЛДП), Нова социјал-демократска партија (НСДП), Демократска Партија на Албанците (ДПА), Партија за движење на Турците (ТХП), Демократска партија на Турците во Македонија (ТДП), Демократска обнова на Македонија (ДОМ), ВМРО – Народна партија (ВМРО-НП), Партија на пензионерите (ПП), Српска странка во Македонија.
Целиот текст на Манифестот во продолжение можете да го прочитате на следниот ЛИНК: