Од Владата информираат дека на седницата ја разгледале информацијата од Министерството за здравство за потребата од обезбедување пари за Универзитетската клиника за детски болести во Скопје, зa набавка на терапија за пациентите со цистична фиброза

Владата задолжи неколку институции за набавка на лекови за пациентите со цистична фиброза, соопшти владината прес-служба по денешната седница.
Од Владата информираат дека на седницата ја разгледале информацијата од Министерството за здравство за потребата од обезбедување пари за Универзитетската клиника за детски болести во Скопје, зa набавка на терапија за пациентите со цистична фиброза.
Како што додаваат оттаму, заклучено е Министерството за финансии, Министерството за здравство и Фондот за здравствено осигурување да одржат координативен состанок и да достават предлог-решение.
Вчера премиерот Димитар Ковачевски рече дека веќе разговарал со министерот за здравство и со директорите на Пулмологија и на Детската клиника и дека се работи за лек којшто во моментов е со исклучително висока цена.
„Во моментов надлежните доктори и директорите на клиниките ги прават анализите со цел да се види кои пациенти за која терапија се подложни, а потоа треба да се направат разговори со самите производители бидејќи се работи за нов иновативен лек кој го произведува само еден производител и потоа да се направи план за набавка на лек или лекови кои се потребни за пациентите“,
рече вчера Ковачевски.
Според него, се работи за лекови кај кои една терапија за еден пациент чини 300 000 евра, односно за сите пациенти годишната терапија би чинела околу 25 милиони евра.
Ковачевски не ја исклучува можноста и за законски измени за набавка на овој лек.
„Ако треба ќе се направат и законски измени бидејќи има дел држави кои не одат на јавно наддавање за такви лекови туку, согласно законот, одат на директна спогодба со производителите на иновативен патентиран лек и на таков начин добиваат неколкупати пониски цени. Бидејќи, ако ние го набавуваме, тоа треба да биде преку трговци кои на највисоката цена на лекот ќе додадат маржа и на крајот добиваме исклучително висока цена на одреден лек. Затоа веќе работат клиниките и министерството“,
нагласи Ковачевски.