„360 степени“ втор ден праша, но не доби одговор од Владата за фирмата што беше ангажирана за организација на вчерашната свеченост за означување почеток на изградба на автопат Тетово – Гостивар. Според возилата паркирани околу бината, беше очигледно дека логистиката ѝ е доверена на „Арбериа дизајн“, но во електронскиот систем на Бирото за јавни набавки нема договор или одлука за таков ангажман на оваа компанија од ниеден државен орган или институција. Во отсуство на одговор, останува нејасно како и под какви околности „Арбериа дизајн“ ја добила и ја прифатила задачата да го организира вчерашниот настан
Владата втор ден молчи за тоа кој стои зад организацијата на вчерашната свеченост за почеток на изградба на автопат од коридорот 8. „360 степени“ денеска повторно ги испрати прашањата до владината прес-служба:
– Која компанија е приредувач на свеченост за поставување камен-темелник за изградба на автопат Тетово – Гостивар?
– Кој државен орган е носител на јавната набавка, кога е распишана таа, кога е склучен договорот, за кои услуги и колку е неговата вредност?
На вчерашниот настан на патарината кај Тетово имаше бина која симболизираше автопат, видеоѕид, музика и многу обезбедување.
Од возилата паркирани околу бината беше очигледно дека организацијата ѝ е доверена на „Арбериа дизајн“. Оваа компанија лани во август ја организира прославата за годишнината од Рамковниот договор за 80 илјади евра. Јавната набавка ја спроведе Министерството за политички систем и односи меѓу заедниците, со кое раководи Артан Груби од ДУИ.
Компанијата лани ја организира и прославата за Денот на албанската азбука за речиси 60 илјади евра и е еден од најчестите добавувачи на Министерството за образование, пред сè, во печатењето книги и друг училишен материјал.
Но, овој пат, иако присутна на терен, „Арбериа дизајн“ ја нема на Електронскиот систем за јавни набавки како добитник на тендер за организација на вчерашниот настан. Тогаш како и кој ќе ѝ плати за услугата?
Вчера на настанот првиот вицепремиер Груби се појави во маица со знакот на коридорот 8. „360 степени“ го праша дали и маицата му ја испечатила „Арбериа дизајн“, но наместо одговор, Груби ја соблече маицата.
„Дајте, радувајте се, ве молам, радувајте се, се гради во државава, сите ќе имаат работа, ќе биде добро за цело општество, за сите граѓани, мислам дека маичката можам и да ви ја подарам“,
рече Груби.