Владата утре на седница ќе го разгледа новиот пакет рестриктивни мерки на Комисијата за заразни болести и на Главниот штаб и ќе се изјасни, најави денеска премиерот Зоран Заев, во врска со предлозите кои се однесуваат на периодот од 18 декември до 21 јануари, за да се избегне зголемување на бројот на заболени од ковид-19 во претстојниот период на празници.
„Генерално Владата ги поддржува, поради институциите, поради важноста на здравствената Комисија, поради нивната стручност и големата доверба што ја имаме“,
рече Заев.
Тој предлага и претставници на опозицијата, како што е доктор Вело Марковски, да дадат предлози, а Владата ќе ги разгледа.
„Оваа Комисија не е ниту од СДСМ, ниту од ДУИ, ниту од не знам која друга политичка партија, туку тоа е државна здравствена комисија на која и веруваме, ја охрабруваме да носи предлози, сугестии до Главниот штаб и до Владата. Утре ќе излеземе јавно со министерот за здравство и неговиот тим од Министерството и ако треба и други луѓе да ги соопштиме мерките“,
рече Заев, одговарајќи на новинарски прашања по отчетот за сработеното на Владата во првите 100 дена.
Тој потсети дека доаѓа време на празници и е многу логично сериозно и навремено да се разгледуваат вакви аспекти.
Комисијата за заразни болести препорачува во тој период угостителските објекти да се затвораат во 18 часот и да нема групирања дома и на отворено.