На вечерашната седница на „Илинденска“ се усвоени дваесетина уредби, протоколи и информации од различни сфери
Дваесетина уредби, протоколи и информации се усвоени на денешната 58. седница на Владата. За новите одлуки јавност беше информирана еден час пред полноќ, односно само неколку часа пред најавената вонредна седница на која ќе се одлучува дали ќе се достави ново барање до претседателот Стево Пендаровски за продолжување на вонредната состојба. Во меѓувреме, напладне ќе заседава повторно Советот за безбедност.
На последната владина седница, усвоени се неколку протоколи од областа на образовниот процес, со кои е утврдена процедурата за запишување на ученици во прво одделение во основните училишта и за постапување на средните училишта за време на запишувањето на ученици во прва година во учебната 2020/2021 година. Донесен е и Протокол за постапување на Математичко-информатичката гимназија за време на полагање на приемниот испит на учениците во новата учебна година, како и Протокол за утврдување и постапување на јавните и приватните високообразовни установи, односно единиците во состав, за изведување на испитите.
Протокол за работа на градинките
На предлог на Министерството за труд и социјална политика, е усвоен Протокол за активности во установите за згрижување и воспитување на деца од предучилишна возраст по укинување на вонредната состојба, изработен во соработка со Комисијата за заразни болести. Со тоа се определуваат постапките и обврските на установите за згрижување деца од предшколска возраст, на воспитно-згрижувачкиот кадар и на родителите.
Владата ја разгледа и усвои Информацијата за исплата на парични права од социјална заштита за мај 2020 година и го задолжи Министерството за труд и социјална политика да ги достави податоците за корисниците на социјална заштита до деловните банки најдоцна до 1 јуни, со препорака до деловните банки да обезбедат достапност на средствата од мајските исплати на паричните права од социјална заштита преку банкомати и во трговските мрежи од 02 јуни.
Рецепти по електронски пат и по вонредната состојба
Владата ја дополни Уредбата со законска сила за примена на Законот за здравствената заштита за време на вонредна состојба, со што, како што е наведено, се овозможи јавните здравствени установи на секундарно и на терцијарно ниво, кои имаат услови во однос на просторот, опремата и кадарот, да вршат здравствени услуги од областа на молекуларната дијагностика во мрежата на здравствени установи со цел зголемување на капацитетите за давање на вакви услуги во услови на спроведување на мерките за спречување на појава, рано откривање, спречување на ширењето и сузбивањето на коронавирус ковид -19.
Денеска е дополнета и Уредбата со законска сила за примена на Законот за здравствено осигурување за време на вонредна состојба, со што и шест месеци по престанокот на вонредната состојба се уредува можноста пропишување и издавање на лекови без хартиен образец на рецепт, односно можност за електронско пропишување на лекови од Листата на лекови.
Воедно, со овие измени и дополнувања се предвидува ослободување од партиципација на осигурениците при користење на здравствените услуги поврзани со дијагностицирање и лекување на коронавирусот и за овие одредби се предвидува примена со повратно дејство од 26.02.2020 година, бидејќи е поповолно за граѓаните, а согласно членот 52 од Уставот на Северна Македонија.
Со Уредбата се предвидува и правото на лекување од ковид-19 на државјаните на соседните земји со кои Северна Македонија нема склучено или преземено Договор за социјално осигурување, а се затекнати на територијата на нашата земја.
Ризичните групи и натаму нема да одат на работа
На оваа седница Владата ја усвои информацијата за заклучокот на Министерството за здравство и Комисијата за заразни болести, а на барање на Министерството за труд и социјална политика, според која хронично болните лица и родителите кои имаат деца до 10-годишна возраст или активно четврто одделение, потоа бремените жени, самохраните родители, родителите на деца со попреченост кои што ја користат услугата дневен центар, како и лицата кои на работа одат со придружба-потполно слепи лица, лица кои се движат со инвалидска количка и лица со умерена и тешка интелектуална попреченост остануваат безусловно и понатаму ослободени од работа, со можност, доколку е тоа остварливо да ги извршуваат работните задачи од дома.
Уредба за задолжување кај ЕУ од 160 милиони евра
На денешната седница, Владата ја донесе Уредбата со законска сила за задолжување на Северна Македонија кај Европската Унија преку инструментот макро–финансиска поддршка за справување со последиците предизвикани од ковид–19 пандемијата за време на вонредна состојба.
Со инструментот на ЕУ за макро–финансиска поддршка за справување со последиците од ковид -19 на Северна Македонија и се одобрени 160 милиони евра за враќање на одржлива надворешна финансиска состојба и за поттикнување на економските прилагодувања, структурните реформи и преземање соодветни мерки како одговор на економската криза.
Мерки за радиодифузерите
На оваа седница, се донесени измени на Уредбата за формирање Фонд за помош и поддршка за справување со кризата предизвикана од ковид-19 со која се опфатени сите радиодифузери во земјата за надомест на трошоци за 2020 година кон операторот на дигиталниот терестријален мултиплекс за дозволата за емитување, согласно со Законот за електронски комуникации, како ублажување на економските последици предизвикани од коронавирусот.
Владата денеска донесе и дополнување на Уредбата со законска сила за примена на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги за време на вонредната состојба, согласно која кабелските операторите се должни до Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги да достават пријави за регистрација на странските радиодифузери кои ги реемитуваат во рок од 60 дена од денот на нивното донесување.
Уредби за јавниот превоз и за сметководителите
Донесени се и измени на Уредбата со законска сила за примена на Законот за превоз во патниот сообраќај за време на вонредна состојба, согласно кои за патниците и персоналот во возилата се предвидува задолжително носење маски и дезинфицирање на возилата, како и максимална искористеност до 50 проценти од капацитетот за патници во возилата.
Со нова Уредба со законска сила за примена на Законот за вршење на сметководствени работи на сметководителите,односно овластените сметководители кои започнале со посета на континуирано професионално усовршување во 2017 година, им се дава можност обврската за посета на обуката од 60 односно 90 часови да ја исполнат во период од 200 дена по престанокот на вонредната состојба. Така, како што се посочува во соопштението од Владата, ќе се избегне можност оние кои не го оствариле законскиот број на часови да бидат избришани во траење од 3 години од соодветните регистри на Институтот, а со тоа и да го изгубат правото за вршење на сметководствени работи во тој период.
Истовремено, се утврдува дека обврската за посета на обука за континуирано професионално усовршување од најмалку 10 часа во текот на една година за сметководител, односно од најмалку 20 часа за овластен сметководител нема да се однесува за оние кои сметководителите односно овластените сметководители кои обуката ја почнале во 2018 и во 2019 година.
Се крати важноста на Уредбата за Законот за стечај
Владата ја дополни Уредбата со законска сила за примена на Законот за даночна постапка, за да се овозможи зајакнување на сигурноста и одржливоста при поддршката на компаниите кои претрпеле штети во своето работење заради спроведување на мерките за спречување на внесување и ширење на коронавирусот. Со дополнувањата се пропишува даночниот орган да не издава решенија за присилна наплата кон даночните обврзници за даночните долгови кои се доспеани во месеците мај и јуни како и за останатите даночни долгови за кои не е поведена постапка за присилна наплата до моментот на влегување во сила на оваа Уредба.
На оваа седница е изменета и дополнета Уредбата со законска сила за примена на Законот за стечај за време на вонредна состојба, при што е уредено дека наместо да важи три месеци по престанувањето на вонредната состојба, истата да се применува до 30 јуни 2020 година.
