Владата во соопштение до јавноста дополнува дека одлуката за воведување целосна забрана за движење од утре од 21 часот до понеделник до 5 наутро, важи и за Општина Карбинци.
Меѓу општините со целосна забрана за движење се и сите општини во Скопје, Општина Куманово, Општина Липково, Општина Штип, Општина Тетово, како и Боговиње, Брвеница, Теарце, Желино и Јегуновце.
Во сите останати градови, полицискиот час ќе трае од четврток (4 јуни) од 21 часот до петок (5 јуни) до 5 часот наутро. Останатите денови полицискиот час ќе започнува од 16 часот и да трае до следниот ден до 5 часот наутро.
Од четврток од 21:00 часот до понеделник наутро, се забранува и посета на гробиштата на територијата на цела држава, освен за погреби.
Исклучоците од забраната за движење важат за полицијата, армијата, здравствените работници и за маркетите и рестораните кои вршат достава на производи. Остануваат на важење сите издадени дозволи за движење за време на претходните забрани за движење кои беа воведени, особено за економските оператори и за работа организирана во смени.
Прошетката на милениците ќе биде дозволена во периодите 08:00 до 8:30, 15:00 до 15.30 и 20:00 до 20:30 часот.
Забраната за движење не важи за лицата со попреченост и за нивните придружници доколку имаат соодветна документација.