Министерствата за земјоделство, шумарство и водостопанство и за животна средина добија конкретни рокови од Владата да ги спроведат мерките усвоени на денешната седница. За координација на активностите на институците, како што информираа од Владата, е задолжен директорот на Центарот за управување со кризи (ЦУК), Стојанче Ангелов
Владата на денешната седница им даде рок од три месеци на Министерствата за земјоделство, шумарство и водостопанство и за животна средина да достават можни локации каде би можеле да се дислоцираат мечките, за кои изминатиов период алармираа жителите на Општина Маврово и Ростуше.

Состојбата со кафеавата мечка, која е под заштита и чиј лов е трајно забранет по втор пат е на дневен ред на владина седница. Претходно, на 3 октомври Владата ги разгледа и усвои предлозите на надлежните министерства за решавање на проблемот со мечките.
„Владата на Република Северна Македонија, на денешната седница ја разгледа и усвои Информацијата по однос на состојбата на кафеава мечка (Ursus arctos L.), дивеч под заштита кој е трајно забранет за лов и зголемениот обем на штета која овој дивеч ја причинува врз имотот и добрата на граѓаните на државава. Владата ги задолжи надлежните институции да се преземат конкретни мерки во однос на усвоената Информација“,
се наведува во соопштението по денешната седница на Владата.
Задолженијата кои министерствата треба да ги спроведат во точно определени рокови предвидуваат изработка на акциски план за управување со кафевата мечка, формирање интервентен тим и список на можни локации за дислоцирање на овие животни.
„Министерството за животна средина и просторно планирање во рок од 12 месеци треба да изработи акциски план за управување со кафеава мечка (Ursus arctos L.) за територијата на Република Северна Македонија. Министерството за животна средина и просторно планирање е задолжено во рок од 3 месеци да направи анализа од регионот за формирање интервентен тим за крупни ѕверови и да ја информира Владата на Република Северна Македонија. Исто така, Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, Министерството за животна средина и просторно планирање во соработка со научни институции се задолжуваат во рок од 3 месеци да достават можни локации каде би можеле да се дислоцираат/префрлат кафеавите мечки“,
се наведува во соопштението.
За координација на активностите на институците, како што информираа од Владата, е задолжен директорот на Центарот за управување со кризи (ЦУК), Стојанче Ангелов.
„Директорот на Центарот за управување со кризи е задолжен да ја организира координацијата на активностите на институциите во спроведување на мерките, да организира и спроведува контрола над нивната имплементација како и да предлага нови мерки покрај донесените и препорачани од надлежните институции за создавање на услови за намалување на појавата на кафеава мечка во урбана средина“,
информираат од Владата.
Денешните одлуки се всушност конкретизирање со определени рокови на мерките што претходно беа разгледувани и усвоени на владина седница, а беа предложени од надлежните министерства.
Меѓу другото, тогаш беше предложено чистење на ѓубриштата во и околу населените места кои претставуваат извор за привлекување на мечката, контрола на сите придружни објекти во кои се чува храна, добиток или пчели и тие да бидат обезбедени со ограда под електричен напон, а местата за одлагање на комунален отпад да бидат затворени со метална ограда. Тогаш беше предложено и успивање и дислоцирање на мечките, во соработка со државни органи и научни институции, како и обезбедување посебни хранилишта за мечки надвор од населени места.
Од Општината Маврово и Ростуше кон крајот на септември побараа Владата да прогласи кризна состојба на целата територија на Општината поради зголемено присуство на кафеавата мечка на овие простори и опасноста што таа ја претставува по животот на граѓаните.
Според проценките на Општина Маврово и Ростуше, на територијата на националниот парк има од 160 до 180 мечки, а според одредени норми од стручни лица, нивниот број би требало да биде 70.