Одлуката е донесена завчера (6 април) на 64. седница на Владата, еден ден по емитувањето на сторијата на „360 степени“ во која пренесовме дека ЕУ не знае за ваков модел на јавно-приватно партнерство во ниедна своја членка, а бизнис-секторот е против
Ваквиот епилог значи дека попусто се потрошени околу 50 илјади евра (2,9 милиони денари) народни пари за физибилити-студијата што ја нарача Генералниот секретаријат на Владата под раководство на Драги Рашковски кај Друштвото за консалтинг „Таргет комуникации“
Владата донела одлука за прекинување на постапката за воспоставување јавно-приватно партнерство за обележување и следење (track&trace) на акцизна стока како начин за зголемување на наплатата на акцизата. Одлуката е донесена на седница пред два дена (6 април), но Владата не ја информираше јавноста за тоа.
Во соопштението од таа седница, објавено на владината веб-страница, нема таква информација. Откако „360 степени“ дојде до сознанија дека ваква одлука е донесена, но не и јавно соопштена, се обративме со прашање до Владата – зошто јавноста не е известена, на чија иницијатива е донесена одлуката и од кои причини?
Од Владата потврдуваат дека одлуката за воведување јавно-приватно партнерство е ставена надвор од сила. Објаснувањето зошто за тоа не е известена јавноста е дека во соопштенијата се информира само за најважните точки за кои се водела расправа или одлуки од посебен и актуелен интерес на јавноста и граѓаните.
„Речиси без исклучок на седниците на Владата има по неколку десетици, а понекогаш и преку 100 точки на дневен ред и тие се редовно достапни на веб-страницата на Владата. По секоја седница, откако ќе биде усвоен на некоја наредна седница, без исклучок се објавуваат и записниците за донесените заклучоци и одлуки. Оттука сите донесени одлуки на секоја седница на Владата им се редовно достапни на медиумите и на јавноста. Дополнително, во однос на последното прашање, укажуваме дека кога станува збор за одлуки воспоставена пракса е тие да бидат објавени откако ќе бидат потпишани од претседавачот со седницата. Буквално за сите заклучоци и одлуки од седниците на Владата, јавноста и медиумите имаат увид од записниците по седниците како редовна пракса за транспарентност на работењето на извршната власт, како и од објавите во ’Службен весник’ согласно законските обврски на Владата“,
ни одговорија од Владата.
Од Владата накратко ги објаснуваат и причините зошто се откажуваат од воспоставување јавно-приватно партнерство за обележување и следење на акцизните добра.
„Одлуката следува откако анализите покажаа дека спроведувањето на јавно-приватно партнерство, како што се предлагаше, би значело двојни трошоци за компаниите и не е до крај во согласност со европските практики и регулативи. Владата останува целосно посветена во справувањето со сивата економија и барањето модел до крај да се расчисти со неа“,
велат од Владата за „360 степени“.
Промената во ставот на Владата доаѓа по реакциите на бизнис-заедницата и на Делегацијата на ЕУ во Скопје. Бизнисмените бараа претпазливост од Владата и компаративна анализа за функционирањето на овие системи во рамките на ЕУ. Додека, пак, од Делегацијата на ЕУ во Скопје посочија дека не слушнале за вакво јавно-приватно партнерство во членка на Унијата, иако аргументите на директорот на Царинската управа, Горан Сугаревски, беа дека постојат такви примери во ЕУ.
Оваа идеја започна од Генералниот секретаријат во времето кога со него раководеше Драги Рашковски.
Ваквиот епилог значи дека попусто се потрошени околу 50 илјади евра (2,9 милиони денари) народни пари за физибилити-студијата што ја нарача Генералниот секретаријат на Владата кај Друштвото за консалтинг „Таргет комуникации“.
Повеќе за ова во видеото: