Формирана е работна група меѓу Министерството за внатрешни работи и СОЗР, каде ќе се разгледа можноста за законски измени и воведување казни за евентуални злоупотреби со службените возила, вели Томовски
Ќе се зголеми контролата за злоупотреба на службените возила, вели директорот на Службата за општи и заеднички работи, Ивица Томовски во „Тема на денот“ на ТВ Сител. Во Владата како што рече тој, се размислува за вградување на ГПС уреди на возилата, покрај обележувањето со посебни регистарски таблички во црвена боја.
„Сме разгледувале опции колку тоа би ја чинело државата. Секако дека државата ќе заштеди повеќе од она што ќе го потроши за тие ГПС. Чекаме да се заврши тој софтвер, регистарот на возила и веднаш штом го завршиме тој процес во соработка со МВР ќе направиме една таква владина одлука – сите возила да бидат обележани со ГПС да може максимално да ги отстраниме злоупотребите на возилата, “
вели Томовски.
Томовски посочи дека формирана е работна група меѓу Министерството за внатрешни работи и СОЗР, каде ќе се разгледа можноста за законски измени и воведување казни за евентуални злоупотреби со службените возила.
„Да видиме во рамките на законите коишто се пропишани во државата, дали има шанса нешто да се направи околу казнувањето во случај на злоупотреба. Очекувам дека тоа ќе се заврши заклучно крајот на годината, бидејќи до тогаш МВР презема одговорност да го искреира оној регистар на возила кадешто тука ќе бидат и сите возила на државата па заедно со изработката на тој регистар да можеме ние да предвидеме промена на таа регулатива, па да следат и казни за можните злоупотреби“
додава Томовски.

Томовски повика и кон рационализација на возилата, да се сведе на минимум употребата на службените возила, за непречено функционирање. Тој најави дека по изборите дел од возилата на институциите ќе бидат продадени.
„Сите оние 7 500 возила кои ги споменуваме, туку припаѓаат и возилата од Министерството за внатрешни работи, Министерството за надворешни работи и надворешна трговија, Агенцијата за национална безбедност, амбулантните возила, протипожарните возила, се она што значи државна сопстевност. Она што можеби би и било потребно на државата не би требало да брои повеќе од 2000 возила за да можеме понатаму непречено да функционираме. Тука влегуваат и оние инспекциски служби, како УЈП, Управата за финансиска полиција“,
рече Томовски.
Околу 700 возила кои веќе се обележани со посебни регистарски таблички, а до 29 септември Томовски очекува сите возила да бидат обележани.