Покрај домаќинствата, премиерот Христијан Мицкоски додаде дека Владата мапирала околу 500 државни објекти што користат фосилни горива или дрва за загревање каде што, исто така, би се инсталирале филтри, со што би се намалило аерозагадувањето
Владата разгледува можност за субвенционирање филтри за оџаци на домаќинствата што за загревање во зимскиот период користат фосилни горива, односно дрва.

Од владината прес-служба соопштија дека на денешната седница на Владата била усвоена информацијата за потребата од вакво субвенционирање, а следствено на тоа кабинетот на премиерот е задолжен во следниот период да подготви детална анализа за условите, времетраењето и процедурата за објавување оглас за субвенции.
Претходно денеска премиерот Христијан Мицкоски изјави дека како што постојат субвенции за клима-уреди, топлински пумпи и сметки за социјално ранливи категории така треба да се размислува и за субвенционирање филтри за оџаци на околу пет до десет илјади домаќинства што користат фосилни горива, односно дрва.
Одговарајќи на новинарски прашања по посетата на Штип, Мицкоски рече дека изминатите денови работел на оваа проблематика и заклучил дека голем дел од градовите го намалиле загадувањето на овој начин. Покрај домаќинствата, додаде дека Владата мапирала околу 500 државни објекти што користат фосилни горива или дрва за загревање каде што, исто така, би се инсталирале филтри, со што би се намалило аерозагадувањето.
„Очекувам повторно одредени невладини активисти со почетокот на грејната сезона да се борат за воздух, иако изминатите седум години никаде ги немаше. Затоа ќе се обидеме да антиципираме однапред да видиме колку можеме сега. Само треба да видиме со законодавството дали е тоа дозволено имајќи предвид дека сме во избори и дека изборите се веќе распишани, а ова би било вонредна мерка“,
изјави Мицкоски.