Владата, дополнително препорача да се разгледаат можностите за утврдување извори за финансиски средства од фондовите на ЕУ и од програмите за климатски промени на Светска банка за набавка на комплетна современа опрема за справување со пожари и други природни катастрофи
Владата на денешната редовна седница препорача да се алоцираат околу 420 милиони денари со цел пошумување површини кои биле опожарени во период од 2019 до 15 август годинава.
„Врз основа на податоците од информацијата за опожарените површини, а со цел да се санираат штетите согласно редовната и вонредната програма за пошумување на ЈП ‘Национални шуми’, Владата му препорача на Министерството за финансии да ги разгледа можностите за алоцирање средства во висина до 421,2 милиони денари согласно проценката за висината на штетата за целосна реализација на програмата за пошумување“,
информираат од владината прес-служба.
Владата, дополнително препорача да се разгледаат можностите за утврдување извори за финансиски средства од фондовите на ЕУ и од програмите за климатски промени на Светска банка за набавка на комплетна современа опрема, вклучително и специјални теренски возила, за справување со пожари и други природни катастрофи во согласност со предвидените реформи на системот за заштита и спасување.
За ова го задолжи Управувачкиот комитет за координација и управување во системот за управување со кризи, да се координира со Министерството за финансии, Секретаријатот за европски прашања и ЈП „Национални шуми“.