По потпишувањето, министерот за здравство Азир Алиу информира дека во фокус на Стратегијата е модернизација на примарната здравствена заштита, целосна дигитална трансформација, унапредување на здравствената заштита на мајките и децата, еколошкото здравје и климатската отпорност, согласно „зелената агенда“ на Владата
Владата на Северна Македонија и Светската здравствена организација (СЗО) денеска потпишаа петгодишна Стратегија за соработка за периодот од 2026 до 2030 година. Документот го потпишаа премиерот Христијан Мицкоски, министерот за здравство Азир Алиу и шефот на канцеларијата на СЗО во земјава, Аким Али.

По потпишувањето, министерот за здравство информира дека во фокус на Стратегијата е модернизација на примарната здравствена заштита, целосна дигитална трансформација, унапредување на здравствената заштита на мајките и децата, еколошкото здравје и климатската отпорност, согласно „зелената агенда“ на Владата.
„Исто така, со стратегијата е опфатена и заштитата на ранливите групи, планирање на човечки ресурси во здравството, јавното здравје, здравствената безбедност и подобра подготвеност при кризни состојби. Стратегијата ни овозможува јасен план, партнерство и поддршка за заедничко реализирање на клучните реформи“,
посочи Алиу, додавајќи дека со потпишувањето на првата петгодишна стратегија со СЗО се отвора ново поглавје во соработката со Светската здравствена организација.
Министерот оцени дека со оваа Стратегија се поставува темелот за посилно, помодерно и поправедно здравство за сите граѓани, како и дека претставува доказ за партнерството меѓу Владата и СЗО за спроведување на клучните здравствени реформи.
