Нов јавен повик објави Владата до хотелиерите за отстапување на капацитети за формирање државен карантин за справување со ситуацијата со коронавирусот.
Повикот е за изразување интерес за сите хотели во државата кои имаат повеќе од 50 легла и се заинтересирани доброволно да ги отстапат своите капацитети. Од Владата соопштуваат дека максималниот надомест што државата може да го обезбеди за капацитетите на хотелите изнесува до 10 евра, во денарска противвредност, дневно по легло.
Хотелите што ќе ги стават своите капацитети на располагање треба да обезбедат три оброци дневно за секој граѓанин кој ќе користи легло, како и одржување на хигиената во објектот.
Заинтересираните треба да ги испратат пријавите по електронски пат, најдоцна до недела до 12 часот.
На 20 овој месец Владата, исто така, објави повик за хотели што би биле користени како карантин. Досега во државен карантин се сместени над 250 лица кои се вратиле деновиве во земјава од странство.