Секој предлог или сугестија од синдикатите, велат од Владата, се дискутира, со цел да се изнајде решение прифатливо и во интерес на граѓаните

Владата останува на ставот дека политички се мотивирани протестите на вработените во шест министерства и две институции кои бараат зголемување, односно додаток на нивните плати од 30 проценти.
Оттаму велат дека протестите се малициозни и оти тие не се најдобриот начин на комуникација.
Во писменото соопштение испратено денеска, а кое доаѓа по одржаниот протест и изјавата на претседателот на УПОЗ, Трпе Деаноски, дека секој обид да докажат дека има политика во протестите ќе им биде залуден, од Владата велат дека се спремни да седнат на маса и да ги разгледаат сите предлози од страна на синдикатите за да се постигне договор.
„Доколку УПОЗ вистински се грижи за платите на работниците, ги повикуваме на разговор се со цел вистинско изнаоѓање на решенијата. Во спротивно останува сомнежот дека УПОЗ е синдикална организација која обработува за нечии партиски интереси кои не мислат ништо друго освен собирање на ситни политички поени на грбот на граѓаните“,
велат од Владата.
Секој предлог или сугестија од синдикатите, велат од Владата, се дискутира, се со цел да се изнајде решение прифатливо и во интерес на граѓаните.
Според Владата, платите не се високи, но и можностите на буџетот се лимитирани.
„Изминатата година и покрај катастрофална состојба која ја наследивме од претходната Влада, заедно со синдикатите постигнавме договор за покачување на платите на вработените во здравството и образованието, а ги покачивме и пензиите на над 300 илјади пензионери линеарно. Претходната Влада при подготовка на Буџетот за 2024 година не предвидела средства за исплата на К-15 на вработените во администрацијата, при што со ребалансот на Буџетот оваа Влада истите ги предвиде и исплати К-15 за 84 илјади вработени во вредност од 1 милијарда денари“,
додаваат од Владата.
Од Владата жалат што УПОЗ и покрај Економско-социјалниот совет, како тело во кое што учествуваат и на кое секогаш се дискутирало за сите предизвици, одбрале да протестираат. Според нив, штрајкот како прво решение не е легитимен чекор и покажува политичка инструираност.
Денеска на протестот пред Министерството за култура и туризам претседателот на УПОЗ во коментар на вчерашната прес-конференција на портпаролката на Владата, Марија Митева, која соопшти оти Владата изразува сомнеж дека зад штрајкот стои политичка заднина, рече дека сака да ја поправи вчерашната изјава на Владата бидејќи, како што кажа, од Илинденска број 2 очигледно го помешале Синдикатот на УПОЗ со некој друг.
Дополнително, тој кажа оти не станува збор за штрајк, туку за протест.