„Поради направени крупни професионални грешки при раководењето со Јавното обвинителство, што доведува до нарушување на ефикасноста и функционалноста на ЈО. Неовластено изнесување информации, податоци за судски предмети, со што ја повредил обврската за тајноста на постапката согласно закон. Нарушување на угледот на Јавното обвинителство и неговиот личен углед, не постапувајќи согласно обврските предвидени со Уставот, законите и меѓународните договори ратификувани во согласност со Уставот“, рече попладнево владината портпаролка Марија Митева, образложувајќи ги причините за одлуката
Владата на денешната седница го усвоила предлогот за разрешување на државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски, што премиерот Христијан Мицкоски го најавуваше веќе извесен период.

Предлогот, како што информираше попладнево владината портпаролка Марија Митева во изјава за медиумите пред заградата на Владата, ќе биде доставен до Собранието за натамошна постапка.
Митева рече дека со предлогот за разрешување на Коцевски од функцијата, Владата всушност ја продолжува постапката која веќе беше поведена, но поради законските ограничувања била привремено стопирана за време на изборниот период.
Причините за оваа инцијатива на Владата, како што кажа таа, и се јавно познати и дека Владата досега повеќепати ги имала образложено на доследен и транспарентен начин, а во интерес на заштита на институционалниот интегритет и одговорност.
„Нашата цел останува недвосмислена – јакнење на правната држава и обезбедување непречено функционирање на органите на прогон во служба на граѓаните“,
рече Митева.
Предлогот до Собранието за разрешување на Коцевски од функцијата, рече, е врз основа на член 88 став 1 од Законот за Јавно обвинителство, а по претходно добиено мислење од страна на Советот за јавни обвинители.
„Поради направени крупни професионални грешки при раководењето со Јавното обвинителство, што доведува до нарушување на ефикасноста и функционалноста на ЈО. Неовластено изнесување информации, податоци за судски предмети, со што ја повредил обврската за тајноста на постапката согласно закон. Нарушување на угледот на Јавното обвинителство и неговиот личен углед, не постапувајќи согласно обврските предвидени со Уставот, законите и меѓународните договори ратификувани во согласност со Уставот“,
рече Митева.
Како последица на сторените повреди, додаде таа, во изминатиот период е „евидентна нарушената функционалност на Јавното обвинителство и сериозно е нарушен интегритетот на истата“.
„Согласно член 27 став 1 од Законот за Јавното обвинителство, токму јавниот обвинител е одговорен за општите состојби, за организирањето и извршувањето на функциите на ЈО. Постапувајќи на овој начин, јавниот обвинител Љупчо Коцевски флагрантно ја повреди должноста да го чува угледот на функцијата што ја врши предвидена во член 82 став 1 од Законот за Јавно обвинителство“,
кажа владината портпаролка.

Инаку, денеска државниот јавен обвинител одговарајќи на новинарски прашања пред почетокот на седницата на Советот на јавни обвинители, ја прокоментира најавата на премиерот Христијан Мицкоски за негово разрешување.
Рече дека станува збор за политичка одлука.
„Ќе го дадам истиот коментар што го давам неколку месеци, тоа е нивна политичка одлука, така што во тој дел нама што повеќе да кажам“,
изјави државниот јавен обвинител.
Одговарајќи на дополнително прашање дали има некакви правни дилеми околу целата постапка, Коцевски рече дека за да биде разрешен, според актуелниот закон, требало да стори некаква тешка дисциплинска постапка. Во неговиот случај, како што кажа, такво нешто нема, а тоа го потврдува и мислењето на Советот на јавни обвинители.
Инаку, Советот на јавни обвинители на седницата одржана на 2 април донесено негативно мислерње во врска со тогашниот предлог на Владата за разрешување на Коцевски.
Од деветтемина членови на Советот, предлогот за разрешување го поддржаа тројца.
„Согласно законот, важечкиот закон, јас треба да сторам тешка дисциплинска повреда. Советот на јавни обвинители констатираше дека од моја страна не е сторена тешка дисциплинска повреда, понатаму постапката е – оди предлогот до Влада, односно Владата може да го достави до Собранието, тоа не е моја надлежност“,
изјави Коцевски.
Прашана за коментар на изјавата на Коцевски, владината портпаролка рече дека тоа се изјави на неколкумина кои бараат некаков мотив во нивното непостапување или во кршењето на законот и Уставот.
„Јас на оваа прес-конференција јасно и недвосмислено ги наведов сите причини поради кои Владата се одлучила на ваков чекор. Ценам дека граѓаните ова го поддржуваат и мислам дека најдобар показател е довербата што ја имаат и судството и обвинителството, односно два проценти доверба што е буквално статистичка грешка. Ако сакаме правна држава, мораме да ги промениме состојбите“,
кажа Митева, одговарајќи на новинарско прашање.
За потсетување, на почетокот на годината Владата иницира постапка за разрешување на Коцевски од функцијата државен јавен обвинител, која беше прекината по пожарот во т.н. кабаре „Пулс“ во Кочани, во кој загинаа 63 млади луѓе, а повеќе од 200 беа повредени.
Мицкоски тогаш изјави дека постапката треба да остане во фазата во која се наоѓа во моментот поради настанатата трагедија и дека на обвинителскиот тим треба да му се даде шанса да работи на истрагата.

На 29 јули пратениците со 71 глас „за“ ја изгласаа интерпелацијата на државниот јавен обвинител, што ја поднесе опозициската Левица.
По изгласаната интерпелација, Мицкоски на почетокот на август изјави дека правните ограничувања во предизборниот период го блокираат процесот за преземање конкретни чекори за продолжување на постапката за разрешување на Коцевски.
Премиерот во периодот пред изборите, говорејќи во контекст на реформите во правосудниот систем, жестоко ги нападна судиите и јавните обвинители, за кои рече дека не ги заслужуваат платите што сега ги земаат, а не, пак, нивно покачување, што, во суштина, според него, предвидуваат реформските закони.
Дека најавите за негова смена се политички мотивирани, Коцевски кажа и во интервјуто за „360 степени“ емитувано неодамна на МРТ 1.
Коментирајќи ги неговите изјави во интервјуто, премиерот Христијан Мицкоски рече оти не очекувал дека јавниот обвинител ќе каже „Да, виновен сум, не успеав во својата работа“.
„Еве јавноста гледа и сведочи за неговата работа, за работата на Обвинителството, на судовите. Повторно ќе кажам, малкумина за жал, како и тој, е заробеник на тие малкумина во рамките на Обвинителството имаше можност и шанса, но за жал не ја искористи“,
изјави Мицкоски на 25 ноември.
