„Се надеваме дека знаат како се испраќаат официјални барања за лидерска средба, еве нека испратат, па ќе размислиме и ќе одлучиме“, вели владината портпаролка

Како Влада не ја гледаме објективноста на барањето за лидерска средба. Ова е ставот што денеска го повтори владината портпаролка Марија Митева одговарајќи на новинарско прашање во врска со барањето на опозицијата за одржување лидерска средба, а кое дојде по минатонеделните тензични ситуации при прославата на Денот на албанското знаме.
„Како Влада не ја гледаме објективноста за барањето за ваква средба. За целта ќе треба да ги прашате оние што ја бараат. Во минатото имавме Влада што немаше капацитет да води политички дијалози, сега имаме Влада која и во рамки на извршната, но и во законодавната власт има капацитет да води такви политички дијалози“,
рече Митева на денешната прес-конференција.
Таа вели дека е чудно тоа што барањето за лидерска средба е испратено преку медиумите и упати повик до опозициската СДСМ тоа да го направи на официјален начин.
„Сосема е чудно зошто ова барање за лидерска средба доаѓа преку медиумите. Се надеваме дека знаат како се испраќаат официјални барања за лидерска средба, еве нека испратат па ќе размислиме и ќе одлучиме“,
додаде Митева.
И премиерот Христијан Мицкоски смета дека нема потреба од одржување лидерска средба за стабилноста на државата.
„Не сум размислувал, но деновиве што се пред мене ќе размислувам на таа тема и доколку навистина има аргументи што одат во таа насока, зошто да не. Но не гледам причина за такво нешто во моментов, вака ако гледам објективно“,
рече Мицкоски.
Од СДСМ во саботата упатија повик за лидерска средба поради како што велат стабилноста на државата. Нашето општество се соочува со исклучително тензични моменти кои бараат од сите нас – политичките партии, институциите и лидерите, да покажеме максимална одговорност и зрелост, кажаа од СДСМ.
Настаните од изминатите денови, како што рече потпретседателот на СДСМ, Методија Илиевски, ги вознемирија граѓаните, ги ставија на тест нашите меѓусебни односи и удрија по темелите на соживотот кој толку внимателно го градиме од осамостојувањето.
За повикот на СДСМ за одржување на лидерска средба се огласи и коалицискиот партнер на ВМРО-ДПМНЕ, движењето ЗНАМ-За наша Македонија. Лидерот Максим Димитриевски смета дека барањето е класично политичко лицемерство и ловење евтини политички поени.
Димитриевски најави дека во текот на месецот очекува лидерска средба во рамки на владејачката коалиција, која би ја свикал мандатарот, односно премиерот Христијан Мицкоски.
Посочи дека досега не разговарале со претставници од коалицијата „Вреди“.