До средината на следната година се очекува да биде финализиран проектот за целосна реконструкција и конзервација на целиот комплекс, кој го изработува „Завод и музеј –Прилеп“, а потоа Министерството за култура и туризам да ги утврди динамиката и планот за финансирање на реконструкцијата
Владата најави дека ќе издвои 2,5 милиони денари за проект за интервентна заштита на споменикот „Македониум“.

Овој проект, како што изјави владината портпаролка Марија Митева на денешната прес-конференција, ќе биде реализиран до крајот на 2025 година, а до средината на следната година се очекува да биде финализиран проектот за целосна реконструкција и конзервација на целиот комплекс, кој го изработува „Завод и музеј – Прилеп“.
Потоа, како што додаде Митева, Министерството за култура и туризам ќе ги утврди динамиката и планот за финансирање на целосната реконструкција на споменикот во Крушево. Посочи дека дел од експертизата за реконструкцијата на „Македониумот“ ќе биде обезбедена од странство со оглед на неговиот уникатен архитектонски и уметнички објект создаден од бетон, витражи и специфични материјали.
„Реконструкцијата на ‘Македониумот’ започна пред повеќе години и требаше да биде завршена во 2017 година. Со симнувањето на скелето од страна на претходната власт токму таа година, процесот беше насилно прекинат и оставен без потребна заштита. Оттогаш не е преземено ништо за негово завршување и заштита. Денешната состојба не е резултат на негрижа од актуелната влада, туку на долгогодишно одлагање и непостапување во изминатите години. Како и за многу други состојби коишто ги затекнавме при преземањето на власта, така и за оваа нема да бараме оправдувања, наша обврска е да го исправиме тоа“,
изјави Митева на денешната прес-конференција.