Иако основицата за пресметувања плата согласно одлуката на Уставен суд се зголемува, Владата работи на изработка на нов закон за плати во кој ќе се стави конзистентност во исплатата на плати за сите функционери во државата, бидејќи и денес постои неконзистентност во исплатата на плати на функционерите, вели Ковачевски
Премиерот вели дека Уставниот суд ги укинал овие членови, но доколку ги поништел, бидејќи се две различни форми, тоа ќе значело дека на сите избрани и именувани функционери изминатите 11 години ќе требало да им се исплатат разликите во плата со се камати што ќе било трошок на Буџетот од 100 милиони евра

Одлуката на Уставниот суд со која се укиниваат одредби од Законот за плата и други надоместоци на избрани и именувани лица е конечна и треба да се почитува со оглед на тоа дека одлуки на Уставен суд се конечни. Но, тоа не значи дека автоматски ќе се зголемат платите на сите именувани лица за проценти кои се зборуваа во јавноста, се работи за шпекулации во најголем дел, изјави денеска премиерот Димитар Ковачевски на прес-конференција во Владата.
Досегашното замрзнување на основицата, како што посочи премиерот, беше всушност владин став изминатиов период и од страна на Владата истиот е бранет како став пред Уставниот суд.
„Со одлука на Уставниот суд практично се укинува. Во мислењето што го дава Владата до Уставниот суд, во последниот став се вели „Согласно напред наведеното Владата на Република Северна Македонија смета дека оспорениот член 4 од Законот за изменување и допоплнување на Законот за плата и други надоместоци на избрани и именувани лица во Република Северна Македонија Службен весник бр. 97/10 и член 1 од Законот за изменување на Законот за плата и други надоместоци на избрани и именувани лица во Република Северна Македонија Службен весник бр. 139/14 не е во несогласност со членовите 8 став 1 алинеја 3, 9, 32, став 3 и 51 од Уставот на Република Северна Македонија“,
образложи Ковачевски.
Со ова, според него, се потврдува дека Владата останала на своето мислење како и претходно во однос на тоа платите да останат такви какви што се.
„Врз основа на постапка, врз основа на одлука на Уставен суд која не може да ја коментира претседател на Влада, бидејќи тие одлуки се конечни Уставниот суд ги укинува овие одредби од Законот и со тоа основицата за пресметување на плата се пресметува според Законот без оние ограничувања кои постоеле досега. Уставниот суд ги укина овие членови, но доколку ги поништеше овие членови, бидејќи се две различни форми, тоа ќе значеше дека на сите избрани и именувани функционери изминатите 11 години ќе требаше да им се исплатат разликите во плата со се камати што ќе беше трошок на Буџетот од 100 милиони евра“,
додава Ковачевски.
Министерството за труд и социјална политика, како што кажа, во рамките на своите овластувања има дадено негативно мислење на иницијативата за промена на членовите од Законот за плата и други надоместоци до Уставниот суд со кое го потврдува ставот дека закононското решение за плати не треба да се менува. Намерата на Владата, вели тој, била и се уште е јасна, а тоа е фер и праведно платена работа за сите чинители во општеството.
„Иако основицата за пресметувања плата согласно одлуката на Уставен суд се зголемува, Владата работи на изработка на нов закон за плати во кој ќе се стави конзистентност во исплатата на плати за сите функционери во државата, бидејќи и денес постои неконзистентност во исплатата на плати на функционерите. Има акционерски друштва во државна сопственост, регулаторни тела, има разни агенции кои пресметуваат плата согласно друга методологија и чии плати на директори, на членови на Управни одбори се неколкукратно поголеми од платата на пример пратеник во Собрание и исто така Владата веќе работи на изработка, заедно со синдикатите преку економско-социјален дијалог на нов општ колктивен договор кој ќе ги регулира платите во делот на работниците“,
рече Ковачевски.
Тој додаде дека во моментов и минималната и просечната плата, како и висината на пензиите, она што е во надлежност на Владата, е на највисоко ниво досега, а и понатму ќе работиме на зголемување на платите и пензиите, но и намалување на трошоците на живот, а со цел да обезбедиме повисок животен стандард за граѓаните.
Во однос на намалување на коефиционетот на платите на функционерите, Ковечевски рече дека е дел од системско законско решение за плати.
„Носење на решенија кои не се базираат на анализи и на правна и економска издржаност, на крајот секогаш завршуваат вака како што заврши ова решение кое падна на Уставен суд“,
додаде Ковачевски.
Прашан дали ќе ги донира парите од покачувањето на платата, Ковачевски нагласи дека не сака да прави ПР од тоа.
„Јас досега имам многу пати донирано, имам голем број благодарници од различни организации каде имам донирано и како физичко лице и како претставник на правно лице, но никогаш со тоа не сум правел ПР, сепак сметам дека доколку на некој му донирате тоа го правите со добра волја со цел на некого да му помогнете, а не од тоа да направите ПР за себе си. Така ќе правам и во иднина, а за блиска иднина подготвуваме нешто со моето семејство за една здравствена клиника“,
рече Ковачевски.
Уставниот суд на седница на 21 март годинава, донел одлука да ги укине член 4 од Законот за изменување и дополнување на Законот за плата и други надоместоци на избрани и именувани лица во Република Македонија и член 1 од Законот за изменување на Законот за плата и други надоместоци на избрани и именувани лица во Република Македонија.
Во одлуката од Уставниот суд се наведува дека со првата укината одредба е утврдено дека основицата за пресметување на плата на избраните и именуваните лица се применува од јануари 2012 година и е во износ од 25 726 денари, додека со втората укината одредба е предвидено дека платите на избраните лица во 2014 година може да се зголемат за четири отсто започнувајќи со исплатата на платите во 2014 година.
Оваа одлука предизвика негодување во јавноста, а претседателот Стево Пендаровски уште минатата недела рече дека е невкусно во време на економска криза да се покачуваат платите кои се исплаќаат од државниот буџет. Денеска Пендаровски рече дека Владата мора да направи сè што е во нејзина моќ и надлежност, а има надлежност, платите на функционерите од него, па до локална самоуправа да останат на ова ниво на кое се сега, со измена на коефициенти и со измена на основица.
Вчера, од Уставен суд рекоа дека нивните одлуки се конечни и треба да се почитуваат, меѓутоа овие одлуки не забрануваат законодавецот, односно Собранието, да направи законски измени кои потоа извршната власт ќе ги применува. Улогата на Уставниот суд е да изврши оценка дали законите се во согласност со Уставот, рекоа оттаму.