На седницата биле разгледани можности за одржување средби помеѓу задолжени екипи на МВР и педагозите и психолозите во училиштата, според предвидена динамика, со цел да се придонесе во пријавувањето евентуално врсничко насилство или други видови проблеми од надлежност на министерствата за внатрешни работи и за образование и наука
Со едноминутно молчење и оддавање почит кон жртвите во двата ужасни инциденти што се случија во Република Србија, во Белград и во близина на Младеновац, Владата денеска одржа седница на којашто надлежните министерства информираа за активностите што се преземаат во нашата држава, во делот на превенција во училиштата, како и на државно ниво, за заштита од каков било вид насилство, инфорираа од владинаата прес-служба.
Министерството за внатрешни работи информирало дека во континуитет се преземаат активности во делот на превенцијата и дека се применуваат протоколите за безбедносна проверка за влез и излез на учениците во училиштата и околината од училиштата. Ваквите протоколи, кои се активирани по лажните дојави за бомби, сега ќе бидат засилени со дополнителни активности од страна на МВР.
„Од страна на Министерството за образование и наука е информирано дека се изготвува прирачник за училиштата за постапување по однос на превенција од врсничко насилство и други видови насилство, како и дека се работи и на зајакнување на стручните психолошко-педагошки служби, таму каде има потреба“,
соопштија од Владата.
Оттаму потсетија дека од денеска е отворена и електронска адреса [email protected], или на албански – [email protected], каде што едноставно, со една порака ќе се пријавува врсничко насилство и по секоја пријава ќе се постапува веднаш.
Исто така, биле разгледани можности за одржување средби помеѓу задолжени екипи на МВР и педагозите и психолозите во училиштата, според предвидена динамика, со цел да се придонесе во пријавувањето евентуално врсничко насилство или други видови проблеми од надлежност на министерствата за внатрешни работи и за образование и наука.
„На владината седница задолжени се Министерството за образование и наука и Министерството за внатрешни работи да изготват Стратегија за превентивни активности, со чекори на државно ниво по којашто ќе бидат задолжени да постапуваат сите училишта, со цел рана превенција и заштита од несакани инциденти во училиштата и надвор од нив“,
се наведува во соопштениието на владината прес-служба.