Во 2022 година Владата поднела вкупно 65 предлог-закони до Собранието за кои имала обврска да ги стави на ЕНЕР. За 24 од нив, односно 37 отсто, претходно бил објавен текстот на нацрт-законот на ЕНЕР. Поради тоа, на јавноста ѝ била скратена можноста да се информира за содржината на предлог-законите, покажува извештајот „Огледало на Владата“
Во 2022 година, само 37 отсто од предлог-законите усвоени на Влада и доставени до Собрание биле објавени на Единствениот национален регистар на прописи (ЕНЕР, www.ener.gov.mk), што е влошување на состојбата споредено со претходните години (41 отсто во 2021 и 49,6 отсто во 2019 година), покажува извештајот „Огледало на Владата“ за 2022 година на Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС) и Граѓанскиот ресурсен центар (ГРЦ).
Во извештајот се наведува дека и министерствата не ги објавуваат поголемиот дел од предлог-законите на ЕНЕР. Во 2022 година Владата поднела вкупно 65 предлог-закони до Собранието за кои што имала обврска да ги стави на ЕНЕР. За 24 од нив, односно 37 отсто, претходно бил објавен текстот на нацрт-законот на ЕНЕР. Поради тоа, на јавноста ѝ била скратена можноста да се информира за содржината на предлог-законите. Што се однесува до минималниот период за коментирање од 20 дена, тој е испочитуван од министерствата за сите 24 предлог-закони.
„За жал, намален е и интересот на јавноста за коментирање на ЕНЕР. Граѓаните минимално го користат ЕНЕР за да ги кажат своите мислења за предлог-законските решенија во рана фаза на подготовка. Најмногу коментари, вкупно 18, биле оставени за Предлог-законот за критична инфраструктура. По 11 коментари има за: Предлог на кривичниот законик; Предлог-закон за изменување и дополнување на законот за безбедност на храната и Предлог-закон за изменување и дополнување на законот за земјоделското земјиште. Прашање за подлабока анализа е дали причината за намалениот интерес на граѓаните е резултат на недостигот на повратни одговори од министерствата на коментарите на граѓаните“,
се наведува во извештајот „Огледало на Владата“.
Во периодот на следење, министерствата објавиле 36 повратни одговори на ЕНЕР на вкупно 112 поставени коментари (32 отсто) од граѓаните и граѓанските организации. Повеќе од половина од дадените одговори од министерствата (28) се дадени од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство на петте предлог-закони ставени на ЕНЕР од ова министерство. Алармантни се и резултатите кои покажуваат заобиколување на консултативниот процес преку изборот на предлагачи. Вкупно 86 од предложените 191 закон (45 отсто) се на предлог на пратениците.
„Собранието на Република Северна Македонија не спроведува консултативен процес за предлог-закони кои се на предлог на пратеници и овластени предлагачи на закони. Така, за значаен процент од предлог-законите се оневозможуваат консултациите со засегнатите страни и подлежат исклучиво на законодавна постапка за донесување закони. Имајќи го предвид ова, закони кои се од суштинско значење за правното опкружување може да бидат изгласани без јавноста да биде консултирана“,
се констатира во извештајот.
МЦМС веќе 10 години ја следи отвореноста на процесите на подготовка на закони. Подготовката на овој извештај е дел од проектот „ЕУ поддршка за Граѓанскиот ресурсен центар – фаза 2“ кој е финансиран од Европската Унија.