Најавите се дека инвестицијата се проценува на околу 130 милиони евра, а првиот човек на Дирекцијата на ТИРЗ вели дека одобрената помош од Владата е 35%, што би значело дека државната помош би изнесувала околу 45 милиони евра
Јован Деспотовски, во интервју за Плусинфо, најавува и отворање на вкупно 891 нови работни места со, како што вели, јасна обврска на инвеститорот да ги реализира со предвидена динамика во наредните пет години. За платите, тврди дека ќе бидат до 2,5 пати поголеми од просечните во земјава
Владата одобри рамковна поддршка што не надминува 35 отсто од вкупната инвестиција. „Рамковна“ подразбира дека е отворена можност за доделување средства, но не и обврска. Доделувањето зависи од динамиката со која инвеститорот ќе ја реализира инвестицијата и од исполнување на условите предвидени со договорот, вели првиот човек на Дирекцијата за ТИРЗ, Јован Деспотовски, во интервју за Плусинфо, одговарајќи на прашања за тоа со каква финансиска поддршка ќе учествува Владата за да се реализира најавената инвестиција на германскиот производител на автомобили на елетричен погон „Е-Го“ во Технолошко индустриско-развојната зона во Тетово. Најавите се дека инвестицијата се проценува на околу 130 милиони евра, што би значело дека државната помош би изнесувала околу 45 милиони евра.
За бруто платите на речиси 900 вработени кои, како што се тврди, ќе бидат до 2,5 пати поголеми од просечната плата во државата, ќе се користат околу 15 отсто од државната поддршка.

Деспотовски вели и дека компанијата нема да користи даночни и ослободувања за придонеси.
„Доделувањето на средствата зависи од динамиката со која инвеститорот ќе ја реализира инвестицијата и, секако, од исполнување на условите предвидени со договорот. Меѓу другото, и отворање на предвидениот број од близу 900 нови работни места, како и бруто плати, што во просек достигнуваат 2,5 пати над просечната во државата. За оваа намена ќе се искористи околу 15 отсто од државната поддршка, додека остатокот е за делумно кофинансирање на капиталните трошоци на инвеститорот. Компанијата нема да користи даночни ослободувања, туку во целост има обврска истите да ги плаќа кон Буџетот и јавните фондови на државата. Овој модел на државна поддршка е усогласен со регулативата во ЕУ, а е подеднакво достапен за сите странски и домашни компании во Северна Македонија“,
објаснува Деспотовски.
За новите вкупно 891 работни места, вели дека инвеститорот има јасна обврска да ги реализира со предвидена динамика во наредните пет години.
„Со инвестицијата се предвидени вкупно 891 нови работни места, со јасна обврска во договорот за инвеститорот истите да ги реализира, со предвидена динамика во период од 5 години. Напоменувам дека исплатата на државната помош во делот на поддршка за креирање на работните места е условена со бројот на работни места што се отворени во годината за која се однесува барањето за исплата, но и нивото на бруто плати. Со други зборови, државата нема да исплати ниту денар од делот за поддршката наменет за работни места додека не видиме не само реални вработувања, туку соодветно ниво на бруто плати што се исплаќаат“,
вели Деспотовски.

Покрај оваа инвестиција, Деспотовски најави дека во наредните неколку месеци ќе бидат објавени и две други инвестиции во Источниот регион, како и отворање на прва зелена зона во југоисточниот дел на земјата.
„Нашата политика во изминатите скоро две години е што е можно поголем број нови и квалитетни инвестиции да ги насочиме надвор од Скопје. Покрај Тетово, во следните неколку месеци ќе објавиме две нови инвестиции во Источниот регион, а активно работиме на отворање на првата зелена зона во регионот во Југоисточниот регион“,
вели Деспотовски.