Владата денеска ќе ја одржи редовната 88-ма седница на чиј дневен ред ќе бидат точки поврзани со мерките за поддршка на граѓаните и компаниите во време на економско-енергетска криза. За заклучоците и одлуките на седницата, јавноста ќе биде информирана, соопшти владината прес- служба, откако вчера премиерот Димитар Ковачевски најави дека се финализизраат мерките за најранливите категории граѓани.
Во однос на компаниите, пак, Ковачевски посочи дека постојано се разговара со стопанските комори и за помош на бизнисот.
„Владата секојдневно разговара со стопанските комори како да им се помогне на големите компании кои се на либерализираниот пазар. Се подготвува пакет мерки кој би требало да биде финализиран до крајот на овој месец“,
рече премиерот.
Според него, намалувањето на ДДВ-то не е клучно во однос на намалувањето на цената на електричната енергија која се зголеми десет пати во споредба со цените пред војната во Украина туку она што е потребно е максимално зголемување на производството на електрична енергија и ставање во функција на сите производствени капацитети.
„Се разговара државата да им помогне на големите потрошувачи кои се на либерализираниот пазар. Разговараме за обезбедување поевтина струја од билатерални извори, со Бугарија, Турција, Грција, Србија. Во моментов се подготвува пакет мерки кој би требало да биде финализиран до крајот на овој месец. Ќе се земат предвид карактеристиките на индустриите и врз основа на таква анализа и на буџетските можности, да обезбедиме финансиска поддршка на компаниите кои се на либерализираниот пазар. Тоа во моментов се работи, ќе биде разговарано со стопанските комори“
кажа Ковачевски.