„Дали овие 1,8 милиони евра од буџетот всушност се уште еден начин Владата да си плати сопствената изборна кампања со пари од граѓаните. Дали преку овие тендери Владата ќе си обезбеди медиумски простор, билборди, видеа и маркетинг што ќе го користи за сопствена пропаганда за време на изборите“, праша портпаролката на партијата
Социјалдемократскиот сојуз (СДСМ) денеска ја обвини Владата дека додека во државата има сериозна криза со пожарите се планира да се потрошат 1,8 милиони евра за организација и промоција на саемот ЕКСПО во Белград, настан што треба да се одржи дури во 2027 година.

„Додека државата гори, додека пожарникарите со мизерни плати се борат со огнот, додека семејствата во Кочани молат за помош и чекаат државата да им помогне, Владата на Христијан Мицкоски ќе потроши 1,8 милиони евра од народните пари за да се луксузира, да прави логоа, брошури, тотеми и кетерински на ЕКСПО што ќе се случи дури во 2027 година“,
рече на денешната прес-конференција портпаролката на партијата, Богданка Кузеска.
Повеќе од 110 милиони денари, како што рече Кузеска, ќе се плати на приватна фирма за визуречни идентети, столови од екокожа, тотеми, билборди, спотови, брошури, кетеринзи и престој на промотори цели четири месеци во Белград.
Според неа, ова ја покажува вистинската природа на актуелната власт, која се базира на луксузирање и ароганција.
„Овој тендер вклучува медиумски кампањи, спотови, билборди, реклами на социјални мрежи, банери, соопштенија и цела инфрастуктура за промоција отвора сериозно прашање, дали овие 1,8 милиони евра од буџетот всушност се уште еден начин Владата да си плати сопствената изборна кампања со пари од граѓаните. Дали преку овие тендери, Владата ќе си обезбеди медиумски простор, билборди, видеа и маркетинг што ќе го користи за сопствена пропаганда за време на изборите“,
праша таа.
СДСМ бара одговорност и ја повикува јавноста будно да следи како и на што се трошат парите на граѓаните.