Од друга страна, пак, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, од чија партија доаѓаат повеќето градоначалници, денеска повторно реагираше дека општините имаат по петпати повисоки сметки, а Владата ги намалува дотациите
Точно е дека општините побараа состанок, а Владата ќе им помогне на градоначалниците да се справат со трошоците во кризата ако и тие ги намалат непотребните трошоци и почнат да ги собираат даноците.
„Општините, како и Владата треба да бидат одговорни во намалувањето на тековните трошоци и во зголемувањето на трошоците кои се однесуваат на справувањето со енергетската криза. Ако донесат планови во кои е содржано справување со енергетска криза, притоа намалување на ставките кои не се неопходни, доколку го зголемат своето оперативно работење во однос на собирањето даноци, а имате податок дека се собираат само 47 отсто од даноците кои се изворни приходи на општините, тогаш нормално дека ќе седнеме и државата секако ќе помогне“,
порача денеска премиерот.
На барањето на ЗЕЛС да имаат итен состанок со Владата, тој одговори дека тој ќе се одржи, но им порача дека и тие треба да се однесуваат одговорно и повторно ги прозва дека не предвиделе пари за справување со кризата во општинските буџети, а ветувањата што ги давале во кампања им биле нереални.
„Нормално дека состанок ќе се одржи, општините доминантно се водени од опозицијата што не треба да претставува никаква причина за неодржување состаноци. Јас имам комуникација како премиер со дел од градоначалниците. Но, има една работа дека сите во оваа криза треба да придонесат со своето работење и однесување во надминување на предизвиците од кризата. Прво, најголемата инфлација беше во ветувањата во изборните програми, тоа беа ветувања кои кога ќе ги ставите на хартија се прашувате на кој начин ќе се финансираат, а сега гледаме дека ни на интернет не може да ги најдете. Новите градоначалници сами ги правеа буџетите, кога се правеше буџетот на Република Северна Македонија се предвиде ставка за справување со кризата, а јас сметам дека тоа требаше да го направат и општините“,
рече Ковачевски.
Тој потсети и дека во кризата со снабдувањето со топлинска енергија во Скопје, Градот одбил да помогне и да учествува со 500 000 евра, иако тоа е комунална услуга која градските власти ја обезбедуваат за жителите на главниот град.
Од друга страна, пак, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, од чија партија доаѓаат повеќе градоначалници, денеска повторно реагираше дека општините имаат по петпати повисоки сметки, а Владата ги намалува дотациите.
„Сериозна влада, која мисли на народот, знае дека ќе се случува енергетска криза и наместо истата да ја злоупотребуваат за договори во четири очи во РЕК ‘Битола’, а провизиите да завршуваат во сè подебели куферчиња кај фамилијата, требаше да води сметка како да ги зголеми дотациите во општините до буџетот“,
изјави денеска Мицкоски.
Тој повторно посочи дека од 2018 до 2021 година дотациите од централниот буџет до секоја општина растеле секоја година и оти има и една година со 34 милиони зголемување, а оваа година дотациите се помали, и тоа од 316 на 312 милиони евра.
„Јасно тоа е зошто е така, затоа што народот заедно со ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата го порази овој корумпиран и трул режим на СДСМ и ДУИ. Тоа ќе продолжи, ние не очекуваме дека Бесими, Груби и Битиќи, Османи, Ахмети и администраторот Ковачевски ќе имаат разбирање за општините и за народот на Македонија, но ќе се бориме и ќе ги победиме, а потоа ќе има одговорност“,
рече Мицкоски.