Меѓу спортистите на кои ќе им биде доделено национално признание за врвни достигнувања во спортот се Горан Пандев, Дарко Панчев, Петар Наумоски, Перо Антиќ, Кирил Лазаров, Стојанче Стоилов и други
На најуспешните македонски спортисти утре ќе им биде доделено национално признание за врвни достигнувања во спортот. Признанијата ќе им ги доделат премиерот Христијан Мицкоски и министерот за спорт Борко Ристовски на свечена церемонија што ќе се одржи утре во зградата на Владата.

Со признание за врвни достигнувања во спортот ќе се стекнат поранешните фудбалери Горан Пандев, Дарко Панчев и Илија Најдоски, поранешните кошаркари Петар Наумоски и Перо Антиќ, а од областа на ракометот признание ќе добијат Кирил Лазаров, Стојанче Стоилов, Владо Недановски, Петар Ангелов, Марко Кизиќ, Марко Мишевски, Мартин Поповски, Валентина Радуловиќ, Елена Ѓорѓиевска, Индира Кастратовиќ, Гордана Нацева, Мирјана Чупиќ, Милева Велкова, Анжела Платон, Лариса Кисељова, Елена Златановска-Муратовска, Клара Боева.
„Наградени ќе бидат спортистите кои станаа европски шампиони со Кометал Ѓорче Петров и РК Вардар, како и македонските спортисти кои стигнале до трофеј во еврокуповите или интерконтинентални титули со своите екипи“,
информираат од Владата.
Согласно законските одредби, на спортистот што стекнал национално спортско признание му се доделува плакета и месечен паричен надоместок во висина од половина до една и пол просечна месечна плата исплатена државата во претходната година.