Информирајќи за проектот во синоќешното гостување во емисијата „Клик плус“ на ТВ 21, ресорниот министер наведе дека за формирањето на центарот се обезбедени значителни финансиски средства, од кои дел доаѓаат од Европската Унија (ЕУ)
Владата ќе формира нов центар за одговор на киберинциденти, што значително ќе ја зајакне безбедноста на информатичките системи на институциите во земјава, соопшти министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски.

Информирајќи за проектот во синоќешното гостување во емисијата „Клик плус“ на ТВ 21, ресорниот министер наведе дека за формирањето на центарот се обезбедени значителни финансиски средства, од кои дел доаѓаат од Европската Унија (ЕУ).
„Вложивме 1,5 милиони евра наши и средства на ЕУ за владин центар за одговор на киберинциденти кој ќе го отвориме…Ќе треба реално да гледаме што се случува во кибербезбедноста“,
рече Андоновски.
Како што појасни тој, со овој центар институциите ќе го подобрат капацитетот за справување со киберзакани и инциденти, кои во последните години стануваат сè почести и пософистицирани.
„Промените во глобалната економија и развојот на вештачката интелигенција создаваат сериозен притисок врз домашниот ИТ-сектор, кој веќе не бележи раст како во изминатите години“,
рече министерот за дигитална трансформација.
Тој, во оваа смисла, посочи дека приватниот ИТ-сектор значително го намалил темпото на вработувања, за разлика од периодот 2021 – 2023 година. Како причина за тоа го наведе развојот на вештачката интелигенција и затворањето на определени пазари од западна Европа.
„Домашниот приватен ИТ-сектор не вработува како во 2021, 2022, 2023… Примањата или се намалуваат или стагнираат, и луѓето кои немаат работа веќе се спуштаат на минимална плата… Но сега има притисок на пазарот на труд, интересот за вработување во државна администрација се зголемува“,
рече Андоновски.
Одговарајќи на прашање за значењето на втората сесија од Стратешкиот дијалог со Соединетите Американски Држави (САД), која ќе се одржи идната недела во Вашингтон, а на која дел од македонската делегација ќе биде и тој, министерот нагласи дека ова е исклучително важен дипломатски и стратешки процес за државата.
Како и шефот на дипломатијата Тимчо Муцуски минатата недела и Андоновски посочи дека Македонија ќе биде единствената држава која оваа година ќе одржи втора сесија од Стратешкиот дијалог со САД во Вашингтон.
„Можам да кажам дека веќе имаме одлична соработка со Соединетите Американски Држави во областите што јас ги покривам, а тоа се дигитализацијата и кибербезбедноста. За време на мојата посета во јануари, на највисоко ниво во Стејт департментот разговаравме за прашања поврзани со соработката со Македонија, предизвиците во кибербезбедноста, дигиталната инфраструктура и размената на информации за потенцијални ризици во кибер просторот. Очекувам од овој Стратешки дијалог да произлезат конкретни точки што ќе значат подобрување на можностите за македонските граѓани, за македонската економија, како и за соработката меѓу институциите, со многу конкретни придобивки за двете страни“,
изјави Андоновски.
Во однос на кибернападите, тој посочи дека денес тие сè почесто се користат како алатка за водење асиметрични војни, како од државни, така и од недржавни актери. Тоа, како што рече, значи насочени напади во киберпросторот кон критичната инфраструктура, која не ја опфаќа само цивилната, туку и здравствената, образовната и другите клучни области.
