Јавниот оглас денеска е објавен во два дневни весници и на веб-страницата на Министерството за економија, а се однесува за домаќинствата кои оваа година ќе купат и наместат ПВЦ или алуминиумски прозорци, сончеви термални колекторски системи, фотонапонски електроцентрали за производство на електрична енергија до шест киловати, а ќе има и диверзификација во делот на снабдување со енергенси, најавуваат од Министерството за економија

Со буџет од 70 милиони денари Министерството за економија ќе ги кофинансира домаќинствата кои оваа година ќе купат и наместат ПВЦ или алуминиумски прозорци, сончеви термални колекторски системи, фотонапонски електроцентрали за производство на електрична енергија до шест киловати, а ќе има и диверзификација во делот на снабдување со енергенси.
Информациите околу повиците од програмите за енергетска ефикасност и обновливи извори на енергија, кои се објавени денеска, на прес-конференција ги изнесе министерот за економија Крешник Бектеши, кој рече дека оваа година буџетот за овие намени е зголемен. Јавниот оглас, како што соопшти Бектеши, е објавен во два дневни весници и на веб-страницата на Министерството за економија.
Над 1 200 домаќинства, кои оваа година ќе купат и вградат ПВЦ или алуминиумски прозорци во домовите, ќе може да добијат поврат на средства во висина до 50 отсто, но не повеќе од 20 000 денари по домаќинство. За оваа мерка, во буџетот на Министерството за економија предвидени се вкупно 25 милиони денари.
„За надоместување на дел од трошоците за купување на сончеви термални колекторски системи во домаќинствата за 2023 година предвидени се вкупно 15 милиони денари и ќе опфати над 1 000 домаќинства, а кофинансирањето на Министерството за економија ќе биде во висина до 30 отсто и не повеќе од 15 000 денари“,
рече Бектеши.
Домаќинствата кои ќе купат и инсталираат фотонапонски електроцентрали за производство на електрична енергија до шест киловати, што е согласно новата одлука која ја донесе Министерството за економија во делот на зголемување на капацитетот на инсталираната моќност во делот на секое домаќинство, повратот ќе биде во висина до 30 отсто и не повеќе од 80 000 денари.
„Тука се предвидени 30 милиони денари и ќе опфати над 400 домаќинства како мерка која првпат се спроведува во нашата држава. Повратот ќе биде во висина до 30 отсто и не повеќе од 80 000 денари, а дополнително на тоа, согласно новиот правилник и другите подзаконски акти, како што знаеме, обврска е на универзалниот снабдувач вишокот на електрична енергија да ја преземе и согласно утврдената цена на Регулаторната комисија за енергетика да им ја плати или надомести дополнително на секое од домаќинствата кое ќе одлучи да направи ваква инвестиција“,
рече Бектеши.
Министерот додаде и дека во 2023 година нема да изостане и поттикнувањето на диверзификација во делот на снабдување со енергенси. Тоа подразбира дека за градовите, како што се Струмица и Куманово, каде што има дистрибутивна мрежа за природен гас, се предвидени средства со кои ќе можат сите домаќинства да се вклучат во таа мрежа и да добиваат кофинансирање од Министерството за економија во висина од 70 отсто, но не повеќе од 25 000 денари.
Бектеши рече и дека дополнително за стопанството е тоа дека можат до крајот на мај да го користат законот за финансиска поддршка на инвестиции каде што сите инвестиции во делот на обновливи извори на енергија за нивните сопствени потреби или, пак, за производствените процеси ќе бидат опфатени и можат да бидат кофинансирани до 20 отсто и со тоа да се намали потрошувачката на електрична енергија.