Со оглед на тоа што, според соопштението, Владата не ја третира листата за конечна, нејасно е како во овој случај ќе постапи Меѓународниот советодавен панел, зашто тој дава мислење само за финални листи утврдени од владите на државите членки на Советот на Европа
Владата на денешната седница била информира за текот на постапката за номинација на кандидати за позицијата судија во Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП) во Стразбур.

Од Владата посочуваат дека ја усвоиле информацијата што до нив ја доставило Министерството за надворешни работи и надворешна трговија, а се однесува на предлогот на Комисијата за избор на кандидати за судија во Стразбур, која во ноември лани за кандидати ги предложи адвокатите Јордан Апостолски, Наташа Бошкова и професорот Сашо Георгиевски.
„По разгледувањето, Владата ја усвои информацијата, по што Министерството за надворешни работи и надворешна трговија, како надлежна институција задолжена за спроведување на административните и техничките активности во постапката, ќе продолжи со обезбедување мислење од Меѓународниот советодавен панел на експерти при Советот на Европа, во однос на исполнувањето на пропишаните критериуми од страна на предложените кандидати. По добивањето на мислењето од Меѓународниот советодавен панел, Комисијата ќе ја достави листата со тројца кандидати до Владата, по што конечната листа ќе биде проследена до Парламентарното собрание на Советот на Европа“,
наведуваат од Владата.
Како ќе се постави Советодавниот панел
Со оглед на тоа што, според соопштението, Владата не ја третира листата за конечна, нејасно е како во овој случај ќе постапи Меѓународниот советодавен панел, зашто тој дава мислење само за финални листи утврдени од владите на државите членки на Советот на Европа.
„360 степени“ во декември лани испрати прашање до Советодавниот панел за тоа дали дава мислење за список утврден од работно тело како нашата Комисија за избор. Оттаму наведоа дека согласно својот мандат, Советодавниот панел разгледува исклучиво конечна листа од тројца кандидати која е поднесена од Владата.
„Како принципиелно прашање, Советодавниот панел го дава своето мислење исклучиво за конечната потесна листа испратена од Владата, без разлика како таа листа била подготвена или кои национални тела биле вклучени во процесот на селекција“,
наведоа во одговорот до „360 степени“ од Советодавниот панел.
