„Оваа програма е јасен план со визија, рокови и одговорности. Таа ја отсликува политичката волја на оваа влада за реформи, стабилност, но и европска иднина и претставува наша силна основа за година во која Владата ќе испорачува резултати“, изјави портпаролката на Владата, Марија Митева, на прес-конференција
Здравството, образованието, дигиталната трансформација и реформите во правосудството ќе бидат приоритети на Владата во текот на оваа 2026 година, соопшти портпаролката Марија Митева информирајќи за Програмата за работа на Владата која била усвоена на денешната седница на Илинденска број 2.

Митева на прес-конференција кажа дека станува збор за реформски документ од над 400 страници, кој, како што посочи, јасно ги дефинира приоритетите, динамиката и визијата за развојот на државата во наредниот период.
Програмата, рече таа, е структуирана по области што ги опфаќаат надлежностите на законодавната, но и на извршната власт и претставува јасна мапа за реформите што следуваат и кои директно ќе влијаат врз квалитетот на животот на граѓаните, функционалноста на институциите, како и на европската перспектива на државата.
„Во однос на законодавниот дел или она што подразбираме надлежност на Собранието, фокусот е ставен таму каде што државата има најголема одговорност – здравството и образованието. Предвидени се нови, современи и системски закони кои ги уредуваат високото и средното образование, научно-истражувачката дејност, но и педагошката служба, како и унапредување на статусот и професионалниот развој на наставниот кадар. Овие решенија се насочени кон квалитет, достапност и одржливост на образовниот систем, како темел на долгорочниот развој“,
изјави Митева.
Паралелно, рече портпаролката, Владата силно ја турка дигиталната трансформација, меѓу другото, преку носење нов закон за електронска фактура, со кој дигитализацијата на даночните процедури станува клучен столб на даночната реформа. Со ова, додаде Митева, ќе се обезбедат поголема ефикасност и транспаретност, а ќе се намали административниот товар за граѓаните и компаниите.
Реформата во правосудството, како што наведе портпаролката, останува висок приоритет за Владата. Во таа насока, таа потсети дека Министерството за правда, како надлежно, работи на измени на Изборниот законик, во кој ќе бидат целосно вметнати препораките на меѓународните мисии. Ова, додаде таа, е јасен сигнал за посветеноста на властите во земјава кон демократските стандарди, фер избори и владеење на правото.
„Особено значаен сегмент, којшто сакаме да го потенцираме на оваа прес-конференција, е реформата на јавната администрација. Предвидени се системски закони за висока раководна служба, унапредување со квалитетот во јавниот сектор и за првпат воспоставување на единствен систем на плати во јавниот сектор. Станува збор за решавање на долгогодишен проблем, каде платите се уредуваат фрагментирано, често неусогласено и спротивно на уставни начела. Новото решение носи правичност, транспарентност и најважно, усогласеност со Реформската агенда, поточно со чекор 18“,
кажа Митева.
Во вториот дел од Програмата, кој, како што појасни таа, се однесува на актите и материјалите по коишто одлучува Владата, предвидени се низа програми од областа на животната средина, здравството, безбедноста, образованието и социјалната заштита.
Како што информира таа, за 2026 година е планиран оперативен план за активни мерки за вработување, а кој, додаде, е усогласен со реалните потреби на пазарот на трудот. Неговата цел е да се зголеми опфатот на невработени лица и поефикасна интеграција на ранливите категории граѓани на пазарот на трудот.
„Во економски и промотивен контекст, се отвора ново поглавје преку национално брендирање на туризмот, економијата и државата, под еден јасен, препознатлив и современ имиџ. Ова е силна можност Македонија стратегиски да се позиционира пред европската јавност како атрактивна туристичка дестинација и стабилна, отворена економија со сериозен инвестиционен потенцијал“,
рече владината портпаролка.

Во здравството, наведе Митева, ресорното Министерство иницира подготовка на „Стратегија за млади лекари 2026-2030“, чија цел е задржување, мотивирање и професионален развој на медицинскиот кадар.
„Свесни сме дека во време на недостиг и одлив на здравствени работници, оваа стратегија ќе воспостави системска поддршка, менторство, но и континуирана едукација, што долгорочно ќе значи посилен и постабилен здравствен систем“,
додаде Митева.
Според портпаролката, Програмата предвидува за првпат воспоставување Центри за дигитални вештини во јавната администрација, како клучен инструмент во делот на дигиталната трансформација на државата. Програмите, рече таа, ќе бидат наменети за сите структури во јавната администрација, од носители на одлуки и киберексперти до другите кадри во државната администрација.
Дигитализацијата, како што посочи таа, за Владата не се само проект, туку еден долгорочен процес.
„Оваа програма е јасен план со визија, рокови и одговорности. Таа ја отсликува политичката волја на оваа влада за реформи, стабилност, но и европска иднина и претставува наша силна основа за година во која Владата ќе испорачува резултати“,
подвлече на крајот владината портпаролка.
