Владата ја усвои Националната програма за усогласување со правото на Европската Унија – НПАА 2021-2025, која е целосно преструкртуирана според новата кластерска методологија за пристапни преговори. Вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров порача дека една земја членка на ЕУ може да стави вето на почетокот на пристапните преговори, усвојувањето на преговарачката рамка и одржувањето на првата меѓувладина конференција, меѓутоа никој не може да ни стави вето на домашната реформска агенда.
„Програмата ќе се претстави и ќе се следи и во Собранието. Треба да докажеме дека имаме стабилна демократија и дека ориентацијата и динамиката нема да ја менуваме со секои избори“,
изјави Димитров.
НПАА, како што кажа, ги дефинира стратегиските правци, приоритетите, динамиката и потребните ресурси и активностите за приспособување на националните институции кон европските административни структури. Нејзината подготовка е со активно учество на околу 800 државни службеници од преку 150 државни институции.
„Клучна цел на НПАА е да ја исцрта националната траекторија за целосна европеизација или потполно членство во ЕУ. Политичката порака и тежина на НПАА е многу поголема од самиот документ. Со програмата 2021-25, прво покажуваме дека сме ориентирани кон европеизација на државата преку премостување препреки и дека знаеме точно што правиме. Второ, демонстрираме дека сме сериозни и одлучни во намерата да се менуваме. Трето потврдуваме способност, капацитет и верба во сопствените институции како тоа ќе го направиме и четврто проектираме визија и политички хоризонт подалеку од следните избори“,
порача Димитров.
Првата НПАА е подготвена и усвоена во 2005-2006 година и оттогаш редовно се врши нејзина ревизија. Последната ревизија на програмата е направена во 2017 година.
„Актуелната ревизија на НПАА битно се разликува од сите претходни. Прво, затоа што во март 2020 година земјите членки на ЕУ донесоа одлука за почеток на пристапните преговори. Во таа смисла се очекувањата дека земјата ќе биде поголема во амбициите и ќе носи подобри стратешко дефинирани цели. Второ, затоа што процесот во иднина ќе се движи според правилата на Новата методологија за зајакнати пристапни преговори, со посилен политички инпут и значително зголемен интерес од земјите членки. Трето, затоа што ова е првпат НПАА да биде целосно преструкртуирана според новата кластерска структура и тоа, не само технички, туку и суштински, “
нагласи Димитров.
НПАА, посочи Димитов, е жив документ што ќе се нагдрадува и најверојатно првата поголема ревизија ќе биде по одржувањето на билатералниот скрининг.
Програмата е соодветно приспособена преку групирање на поглавјата во шест кластери или стратегиски области. Кластер 1 – демократија и добро владеење, Кластер 2 – внатрешен пазар, Кластер 3 – конкурентност и инклузивен раст, Кластер 4 – зелена агенда и одржливо поврзување, Кластер 5 – земјоделство, ресурси и кохезија и Кластер 6 – надворешни односи.