Согласно законот, предложените амбасадори ќе треба своите планови да му ги претстават на Собранието во Комисијата за надворешна политика по што претседателката Гордана Сиљановска-Давкова ќе треба и официјално да ги испрати во дипломатска мисија

Поранешниот министер за европски прашања Орхан Муртезани ќе биде нов македонски амбасадор во седиштето на НАТО во Брисел. Како што објави Сител, тој е еден од деветтемина нови амбасадори чиишто имиња поминале на денешната владина седница.
Според Сител, нова амбасадорка во Лондон ќе биде Илина Мангова која беше дел од раководството на Меѓународниот републикански институт ИРИ.
Како што објави Телевизија 24, Крум Ефремов, директор за економска и јавна дипломатија во Министерството за надворешни работи и надворешна трговија ќе биде нов македонски амбасадор во Бугарија.
Во Романија, на местото на Андреј Жерновски ќе оди Габриел Атанасов кој што сега е вработен во МНР, а од кабинетот на Тимчо Муцунски во седиштето на Хаг ќе замине Линда Салиеска-Иљазоска.
Согласно законот, предложените амбасадори ќе треба своите планови да му ги претстават на Собранието во Комисијата за надворешна политика по што претседателката Гордана Сиљановска-Давкова ќе треба и официјално да ги испрати во дипломатска мисија.
Од претходно, познати се имињата на Веле Трпевски како амбасадор во Тирана, Андријана Цветковиќ во Токио, Димитар Блажевски во Киев и Фадиљ Зендели во Копенхаген. И тие чекаат за одбрана на своите тези во Собранието.
По комплетирањето на сите процедури, бројот на дипломати испратени во мандатот на Муцунски ќе достигне 18.
