Мицкоски потенцира дека се подготвени да разговараат за нов општ колективен договор којшто ќе биде единствена алатка врз основа на која ќе бидат исплаќани платите
Околу 11 000 административци ќе земат покачување на платите од скоро 40 отсто до 2028 година, кажа премиерот Христијан Мицкоски по средбата со претставниците на синдикатите. Пресметките се дека во следните три години ќе се исплаќаат дополнителни десет милиони евра годишно, но со реорганизација и редефинирање на приоритетите во Буџетот, средствата ќе бидат обезбедени рече Мицкоски.
„Тоа што го кажуваме ќе го испорачаме. Се разбира негде треба да скратиме, некаде ќе се потрудиме повеќе да наплатиме, зборувам за фискална дисциплина, не зборувам за зголемување даноци, туку да се намали сивата економија. Да се зголемат приходите во буџетот. На крај тоа што сме го договориле ќе го испорачаме, но она што побаравме, а ќе мерам јас секој месец, е да се пододбри услугата на админстрацијата кон граѓаните и бизнисот“,
рече Мицкоски.

За премиерот Мицкоски станува збор за историски момент.
„До сега никогаш порано не се случило да имаме ваков план за зголемување на платите и нивно усогласување за да дојдеме до некое достоинствено ниво. И цениме дека ова се тие храбри чекори коишто ги правиме дури и во услови на светски предизвици коишто секако влијаат на економијата, во услови на внатрешни предизвици коишто секако влијаат на економијата со едно домаќинско, зрело, одговорно работење и работење со државната каса“
дополни Мицкоски.
Мицкоски потенцира дека се подготвени да разговараат за нов општ колективен договор којшто ќе биде единствена алатка врз основа на која ќе бидат исплаќани платите.
„Ќе биде алатка којашто ќе ја имаат и работниците, но ќе ја има и Влада и цениме дека една ваква вин-вин комбинација, односно двете страни да добијат, а најмногу граѓаните и најмногу државата се разбира можеме да го направиме со едно зрело работење и со една доверба што мислам полека, но сигурно со одредени структури во синдикатите. Не велам со сите, но со одредени структури во синдикатите ние како Влада ја имаме и градиме, бидејќи има структури што за жал никако да излезат од политичките прегратки на одредени политички партии“
кажа премиерот.

Претседателот на УПОЗ Трпе Деаноски кажа дека останува да се допрецизира текстот на колективниот договор и да се потпишат сите индивидуални колективни догововри за да може вработените да добијат повисоки плати.
„После година и пол преговори и барања на синдикатот на УПОЗ постигнавме договор со Владата. За отприлика 10 илјади вработени ќе се потпишуваат поединечни колективни договори, со што конечно вработените во управата и правосудството ќе имаат методологија за покачување на платите“,
кажа Деаноски.
На средбата беше и претседателот на Синдикатот на администрацијата, државната управа и правосудството (САДУ), Благоја Ралповски, кој кажа дека постигнале историска придобивка за вработените во админстрацијата.
