Некои од клучните измени кои се предлагаат се засилена улога на Советот во постапката за избор и разрешување на државниот јавен обвинител, вклучително и можност за поднесување иницијатива за разрешување до Собранието, како и зајакната транспарентност на работата на Советот
Владата на денешната седница го усвои предлог-законот за Советот на јавни обвинители. Законското решение, како што велат од надлежното Министерството за правда, е значаен чекор кон зајакнување на независноста, отчетноста и транспарентноста на јавнообвинителскиот систем.

Некои од клучните измени кои се предлагаат се засилена улога на Советот во постапката за избор и разрешување на државниот јавен обвинител, вклучително и можност за поднесување иницијатива за разрешување до Собранието, како и зајакната транспарентност на работата на Советот.
„Понатаму, се предложува детално уредена постапка за разрешување на претседателот и заменик-претседателот на Советот, која се покренува врз основа на образложено барање од најмалку четири члена на Советот, воведување прецизни и јасни критериуми за избор на членови на Советот, со кои се гарантира стручност, искуство и интегритет, по пример на новиот Закон за Судскиот совет, како и детално уредена постапка за разрешување на член на Советот, со прецизирани рокови и јасни критериуми“,
наведуваат од Министерството за правда.
На крајот на декември лани Владата го усвои и Предлог-законот за јавно обвинителство.
Пред да се најдат на владина седница, овие два закони беа позитивно оценети од Венецијанската комисија на Советот на Европа во мислењето кое за двете предлог-законски решенија во јули минатата година го побара министерот за правда Игор Филков.
Предлог-законот, заедно со Предлог-законот за Јавното обвинителство, добија заедничко позитивно мислење Венецијанската комисија.
