Во однос на капиталните расходи, министерката за финансии на денешната прес-конференција кажа дека со ребалансот тие се проектирани на 47,5 милијарди евра, а измените, како што рече, се во насока на додавање средства за динамизирање на реализацијата на проектите кај коишто е веќе потврдена добра реализација, пред сè во Министерството за одбрана
Предлогот за ребаланс на државниот буџет денеска помина на седница на Владата, а новите проекции на прес-конференција ги соопшти министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска.

Како што информира таа, вкупните приходи се проектирани на ниво од 362,4 милијарди денари, додека вкупните расходи на ниво од 403,7 милијарди денари. И во двата случаи станува збор за зголемување на вкупните приходи и расходи за околу еден отсто во однос на актуелниот Буџет.
Проекцијата за бруто-домашниот производ (БДП) останува 3,7 проценти, а се очекува понатамошна стабилизација на инфлацијата поради што таа е проектирана на ниво од 2,8 проценти, соопшти министерката.
Според неа, растот на приходите и расходите е резултат на зголемите неданочни приходи.
„Вкупните приходи се проектирани на ниво од 362,4 милијарди денари или за околу 1 процент повеќе во однос на Буџетот, односно за околу 3,5 милијарди денари. Растот на планираните средства е резултат на зголемени неданочни приходи – административни такси, концесии, добивка од Народната банка и други неданочни приходи, како и проширување на самофинансирачките активности на институциите, што ќе овозможи тековното работење и програмските приоритети наместо со целосно финансирање од буџетски средства да се финансираат со користење средства од сопствени приходи“,
рече министерката Димитриеска-Кочоска.
Даночните приходи, како што соопшти таа, остануваат непроменети, а тоа, според неа, е резултат на остварените приходи и подобрената методологија што се користи за проектирање, а која придонесува за помали отстапки меѓу проекциите што се прават и остварувањата на тие проекции.
Димитриеска-Кочоска информира дека вкупните расходи се планирани на ниво од 403,7 милијарди денари и исто така бележат раст од околу еден процент, односно за околу 3,5 милијарди денари, како и на приходната страна, и се должи пред се на развојната компонента.
„Со предложените измени, или ребаланс вршиме реалокација на средства меѓу буџетските корисници, да обезбедуваме средства за непречена исплата на плати, пред сè во Министерството за внатрешни работи, каде што обезбедивме раст на платите на вработените од 10 проценти. Исто така, обезбедени се дополнителни средства за исплата на зголемените пензии и транзициски трошоци и најважно е обезбедувањето дополнителни околу 300 милиони денари за капитални расходи“,
рече Димитриеска-Кочоска.
Во однос на капиталните расходи, таа кажа дека со ребалансот тие се проектирани на 47,5 милијарди евра. Измените, како што кажа, се во насока на додавање средства за динамизирање на реализацијата на проектите кај коишто е веќе потврдена добра реализација, пред се во Министерството за одбрана.
Таа, исто така, рече дека продолжува финансиската поддршка и соработка на Владата со општините, за кои со претходно донесената прераспределба на средства се обезбедени дополнителни 600 милиони денари.
Инвестициите, како што кажа Димитриеска-Кочоска, остануваат приоритет на Владата, а ваквата политика ја следат и проекциите во овој предлог-ребаланс на Буџетот. Целта, според министерката е да се поттикне економската активност и да се оствари проектираниот раст.
„Оттука, со ребалансот не се ревидира стапката на раст и таа останува на 3,7 проценти, како што беше проектирана и со Буџетот за 2025 година. Остварувањата во првиот квартал и регистрираниот раст на БДП од 3,2 проценти приспособен согласно сезонските и календарските податоци, е јасен сигнал дека проекцијата е остварлива и реална“,
рече Димитриеска-Кочоска.
Министерката за финансии рече оти очекува ваквиот тренд да продолжи и во наредниот период, поддржан пред сè од домашната потрошувачка, зголемените инвестиции во инфраструктурата и енергетиката, финансиската поддршка на инвестициската активност на домашните производни компани, но и мерките за зголемување на расположливиот доход на домаќинствата, а имајќи го предвид неизвесното опкружување и послабата побарувачка на нашите главни трговски партнери.
Како што појасни таа, инфлацијата, која што на почетокот на годинава имаше нагорен тренд, се очекува да се стабилизира и е проектирана на ниво од 2,8 проценти.
„Проекцијата за инфлацијата ја темелиме на очекувањата за доследна примена на законските прописи, пред се на Законот за нефер трговски практики, кои треба да спречат неоправдано зголемување на цените, особено кај основните прехранбени производи. Измените и дополнувањата на Буџетот за 2025 година кои се усвоени од Владата се потврда на фискалната политика и нашите напори за фискална консолидација и домаќинско управување со јавните средства, односно парите на даночните обврзници“,
рече Димитриеска-Кочоска.

Министерката дополни дека буџетскиот дефицит останува непроменет и во апсолутен износ и како процент од БДП, односно 41,3 милијарди денари или четири проценти од БДП.
„Измените и дополнувањата на буџетот за 2025 година се потврда на фискалната политика која ја водиме во изминатата година и со која обезбедуваме консолидација и стабилизирање на макроекономската состојба. Економската активност добива на динамика и забрзува, таквиот тренд ќе го одржиме и во наредниот период со политиките кои се планирани со Ребалансот. Дисциплинираниот пристап во управувањето со јавните финансии ќе продолжи, буџетскиот дефицит останува непроменет и во апсолутен износ и како процент од БДП и е понизок од остварениот дефицит минатата година. Внимателен и сериозен пристап применуваме и во управувањето со јавниот долг, а за тоа најважен показател е намалувањето од 36 милион евра регистрирано во првиот квартал од 2025 година“,
рече Димитриеска-Кочоска.