„За мене е најважен политичкиот момент бидејќи влегуваме во партнерство со клучен западен сојузник, што јасно ја дефинира политиката на Владата, но исто така и позицијата на Македонија како прозападно ориентирана држава и држава која ги почитува евроатлантските вредности“, рече вицепремиерот и министер за транспорт
Владата на денешната седница го прифати договорот помеѓу Владата на Република Македонија и владата на Обединетото Кралство во врска со партнерство за реализација на инфраструктурни проекти, соопшти денеска на прес-конференција вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски и посочи дека тој е овластен да го потпише договорот на церемонија во Лондон закажана за четврток.

„Целта на договорот е да воспостави партнерство за поддршка на реализација на инфраструктурни проекти во секторите здравство, транспорт, технологија, енергетика, дигитална трансформација и други критични сектори во Македонија. Првичните проекти се веќе познати во јавноста во делот на здравството и во делот на транспортот. Значајно е да се разменуваат знаења и најдобри практики користејќи експертиза од владата на Обединетото Кралство и од британски деловни субјекти за поддршка на реализација на проекти, но и на трансформација на јавната администрација, но и на приватниот сектор во Македонија“,
рече тој.
Според него, ваквата соработка ќе биде во согласност со важечкото законодавство, правилата и националните политики на секоја од двете земји.
„Владата на Обединето Кралство го потврдува интересот и капацитетот преку инструментот на Обединето Кралство за финансирање на извозот, познат како УКЕФ или ‘Јунајтед Киндом експорт фајнанс’, со што става на располагање пет милијарди фунти или шест милијарди евра за реализација на проекти во Македонија. Ова ќе биде проектно финансирање што ќе биде исклучиво со реализација на проектите. Ова е рамка што не значи дека целата ќе треба да се искористи, но е рамка што е ставена на располагање и ќе може да ја користиме“,
кажа Николоски.
Посочи дека добиле официјална покана од владата на Обединетото Кралство за да се потпише договорот „влада со влада“ в четврток на 22 мај во Лондон.
„Владата ме овласти мене да го потпишам овој договор. Ќе предводам владина делегација, која покрај мене, ќе бидат и потпретседателот на Владата и министер за животна средина, Изет Меџити, потоа министерката за образование Весна Јаневска, директорот на ЈП ‘Железници инфраструктура’, Синиша Ивановски, како и други соработници. Мислам дека ќе имаме два плодни дена за соработка“,
вели тој.
В четврток, како што рече, е главната церемонија.
Според него, ова е досега најобемен договор што Македонија го постигнала со која било држава, а тоа е втората светска сила, со која имаме одлична соработка во рамки на НАТО-алијансата, дел од западната цивилизација, која става на располагање најмногу средства.
„За мене е најважен политичкиот момент бидејќи влегуваме во партнерство со клучен западен сојузник што јасно ја дефинира политиката на Владата, но исто така и позицијата на Македонија како прозападно ориентирана држава и држава која ги почитува евроатлантските вредности. Исто така ми е драго што Обединетото Кралство објави дека постигнале договор со ЕУ, што значи дека во еден пакет ги имаме трите клучни сојузници на Македонија, тоа се ЕУ, Обединетото Кралство и САД“,
рече Николоски.
Клучниот инфраструктурен проект од договорот е изградба и реконструкција на железницата на Коридорот 10 од „Табановце“ до Гевгелија, а планирани се и инвестиции за изградба на Медицински факултет во Штип и на студентски дом.
Клучниот инфраструктурен проект од договорот е изградба и реконструкција на железницата на Коридорот 10 од Табановце до Гевгелија, а планирани се и инвестиции за изградба на медицински факултет во Штип и на студентски дом.