Законот за трговија на зелените пазари што пред две години донесен на иницијатива на повеќе пратеници и требаше да стапи на сила од 1 јануари 2020 година ќе се укине и наместо него ќе се предложи ново законско решение, одлучи Владата на денешната седница.
Според министерот за економија Крешник Бектеши анализите покажале дека ова законско решение што требаше да има одложено дејство е на штета на сите, а најмногу на пазарџиите. Новиот предлог закон ќе се изработува во консултација со сите засегнати страни во кој ќе бидат вметнати забелешките на пазарџиите.
„Анализата на одредбите покажа дека натамошната примена на овој закон би довела до социјални, економски и фискални последици врз продавачите на зелените пазари што генерално ќе се одрази на сметковниот систем според кој функционираат зелените пазари од аспект на трговија“, рече Бектеши на денешната прес-конференција во Владата и нагласи дека поради тоа се оценило дека е потребно овој закон да престане со важност.
Одлуката на владата ќе биде испратена до Собранието кое по скратена постапка се очекува да го поништи постоечкиот закон. Новиот закон според најавите на Бектеши се очекува на почетокот на наредната година.
Под притисок на пазарџиите кои се заканија со генерален штрајк, во јануари годинава пратениците изгласаа да се одложи примената за една година. Но, тие и натаму останаа незадоволни и најавија дека ќе поведат иницијатива пред Уставниот суд за целосно укинување на овој закон, а не само пролонгирање на неговата примена.
Пред два дена, пазарџиите ов Скопје одново ја актуелизираа најавата за штрајк, откако од „Скопски пазар“ како сопственик на пазарите, добиле нов ценовник за закуп на тезгите, според кој сите треба да плаќаат по 5.250 денари, наместо досегашната ставка за резервација на тезга од 2.000 денари. Бараа закупот да биде максимум 3.600 денари, но и го обвинија „Скопски пазар“ дека ја користи монополската позиција во случајот и цените ги креира како што им одговара.
Од Групацијата на пазари при Стопанската комора преку соопштение само констатираа дека “одлуката за цените на тезгите во градовите каде организаторите на пазарите се формирани од општините, цените за закуп се усвојуваат на советот на општината, додека во Скопје цените се утврдуваат на УО во рамки на компанијата која е сопственик на зелените пазари. При тоа за различни пазари согласно местоположбата цените варираат”.
Досега според законското решение за кое се предлага укинување нема издадено ниту една лиценца. Токму најголемите забелешки на пазарџиите за ова законско решение беа за висината на надоместокот за лиценцата и обврската само една комора да ги доделува лиценците, како и на пензионерите да не им биде дозволено да продаваат на зелените пазари. Во новото законско решение, како што најави Бектеши, ќе бидат вклучени сите комори за да можат да вршат контрола врз продажбата и функционирањето на зелените пазари, а со организаторите на пазарите ќе биде утврдена и цената за надоместокот што го плаќаат пазарџиите. Воедно, ќе биде тргната одредбата за пензионерите која, како што кажа, беше преземена во претходното законско решение од другите закони со кои се уредува начинот на кој пензионерите можат да работат и во кои дејности можат да работат дополнително.