Демократскиот сојуз имаше и заменик-министер за локална самоуправа – Зоран Димитровски, кој вчера си поднесе оставка. Ова доаѓа откако партијата одлучи да не ја поддржи владината реконструкција и да излезе од коалицијата

Владата го разреши Владимир Кроневски од директорската функција на Јавното претпријатие „Службен весник“ на Северна Македонија, информираа од владината прес-служба попладнево.
На негово место за в. д. директорка е именувана Кристина Јоакимовска.
Кроневски беше кадар на Демократскиот сојуз (ДС) и ова директорско место беше единственото кое го имаше партијата како дел од владејачката коалиција.
Вчера, од ДС најавија дека тој ќе поднесе оставка, но во владиното соопштение не е наведено дали на разрешувањето му претходела и оставка.
„Владата, по точката за кадровски прашања, донесе одлука да го разреши Владимир Кроневски од должноста директор на ЈП „Службен весник“ на Република Северна Македонија. Владата ја именуваше Кристина Јоакимовска за в. д. директор на ЈП „Службен весник“ на Република Северна Македонија“,
пишува во соопштението од Владата.
Демократскиот сојуз имаше и заменик-министер за локална самоуправа – Зоран Димитровски. Тој вчера си поднесе оставка до премиерот Димитар Ковачевски.
Повлекувањето на функционерите од партијата следува откако пред два дена Претседателството и Централниот совет на ДС одлучија да не ја поддржат реконструкцијата на Владата и да го напуштат парламентарното мнозинство.