Портпаролката на Владата, Марија Митева, на денешната прес-конференција по владината седница рече дека одлуката Ненад Савески да биде кандидат за нов шеф на републичкото јавно обвинителство дошла по конструктивна дискусија во која се разгледувале сите аспекти на кандидатите – од професионално искуство до личен интегритет
Судијата Ненад Савески е предлогот на Владата за нов државен јавен обвинител. Тој беше еден од четворицата кандидати за кои Советот на јавни обвинители во февруари годинава даде позитивно мислење.

Портпаролката на Владата, Марија Митева, на денешната прес-конференција по владината седница рече дека одлуката Ненад Савески да биде кандидат за нов шеф на републичкото јавно обвинителство дошла по конструктивна дискусија во која се разгледувале сите аспекти на кандидатите – од професионално искуство до личен интегритет.
„Ценевме дека можеби ова е најдобриот кандидат кој треба да даде нов степен во Јавното обвинителство. Тоа е институција која во минатото беше пример за како се работеше во негативна смисла. Треба да го промениме тоа. Треба да дадеме кандидат кој покрај професионалниот, ќе има и личен интегритет и меѓународно искуство“,
изјави Митева на денешната прес-конференција во Владата.
Портпаролката рече дека владиниот предлог се темели на стручни оценки и мислења доставени од Советот на јавни обвинители, како и на внимателна анализа на професионалниот интегритет, искуство и резултати на кандидатот. Во оваа смисла било оценето дека Савески ги исполнува потребните квалитети.
„Владата се водеше од принципите на професионалност, интегритет, стручност и доследна посветеност на владеењето на правото. Владата смета дека предложениот кандидат ќе придонесе кон зајакнување на институционалниот капацитет, унапредување на професионалните стандарди и зацврстување на довербата на јавноста. Токму затоа пристапуваме кон процесот со особена внимателност и одговорност имајќи ја предвид потребата од професионализација и зајакнување на независноста на Јавното обвинителство како и понатамошно унапредување во ефикасноста во спроведувањето на законите“,
рече Митева.
Таа се осврна и на биографијата на Савески кој во моментов е судија во Основниот кривичен суд Скопје.
„Ненад Савески е магистер по правни науки област казнено право на Правниот факултет ‘Јустинијан Први’ при УКИМ со положен правосуден испит. Во моментов е судија во Основниот кривичен суд Скопје во Оддел за организиран криминал и корупција. Бил обвинител во Основното јавно обвинителство. Поседува и експертски и меѓународни ангажмани како експерт во ОБСЕ Македонија, експерт во Националната конвенција за ЕУ – Поглавје 23, бил член на работни групи за судски и законски реформи, експерт во проекти на Совет на Европа, ОБСЕ, УСАИД, работел на проекти за посебни истражни мерки, притвор и кривична постапка. Во делот на академската и едукативната работа тој е предавач во Академијата за судии и јавни обвинители, национален тутор и обучувач во програмата HELP на Советот на Европа, обучувач е за човекови права и кривично право и има соодветни публикации и е автор и коавтор на повеќе трудови. Покрај домашното искуство, тој во својата кариера има остварено соработка со релевантни национални и меѓународни институции, како и организации, придонесувајќи кон размена на добри практики и усогласување на стандардите на правосудниот систем со современи европски принципи на владеење на правото“,
рече Митева на денешната прес-конференција.
Покрај Савески, во трка за нов државен јавен обвинител, за кого Советот на јавни обвинители даде позитивно мислење, беа и обвинителките Анита Тополова-Исајловска, Ленче Ристоска и Лидија Раичевиќ. Иако формално беше во трка за нов државен јавен обвинител, во интервју за Канал 5 пред три недели, премиерот Христијан Мицкоски рече дека Ленче Ристоска апсолутно не е во игра за шеф на републичкото обвинителство.
Ристоска своевремено беше дел од згаснатото Специјално јавно обвинителство и пред Судот сè уште застапува две обвиненија против ексфункционери на ВМРО-ДПМНЕ и самата партија.
