Реакцијата на Владата се однесува на документите кои претходно денеска до неа ги достави СДСМ, а кои опозициската партија тврди дека ги докажуваат сомнежите за корупција и неправилности во работата на првиот вицепремиер и министер за животна средина и просторно планирање Изет Меџити
Владата информира дека ги проверила и следствено на тоа ги отфрла како невистинити наводите изнесени од опозициските СДСМ и ДУИ кои се однесуваат на работата на Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП) и ресорниот министер Изет Меџити.

Реакцијата на Владата се однесува на документите кои претходно денеска до неа ги достави СДСМ, а кои опозициската партија тврди дека ги докажуваат сомнежите за корупција и неправилности во работата на првиот вицепремиер и министер за животна средина и просторно планирање Изет Меџити.
Од Владата, пак, преку писмено соопштение велат оти надзорот извршен од страна на Државниот управен инспекторат во Министерството за животна средина се однесува на архивското работење, а притоа не е утврдено незаконско постапување. Велат оти ваквата административна пракса на работа во министерството е воспоставена од 2017 година и се применувала под раководство на министрите од СДСМ и ДУИ во претходните влади.
„Ако по логиката на Кузевска тоа е прекршување на законите, тогаш значи дека законот бил прекршен од Владата на СДСМ и ДУИ“, наведоа од Владата во писменото соопштение, повикувајќи ги сите заинтересирани страни на увид во документацијата за целосно и точно информирање на јавноста.
Претходно денеска и министерот за животна средина Изет Меџити лично ги демантираше наводите изнесени од СДСМ во врска со негова наводна корупција во рамки на МЖСПП. Рече дека административната и архивска работа во рамките на Министерството кое го води не може да се претстави како скандал.