Очекувањата на Владата се дека цените на основните прехранбени производи кои се содржани во одлуката ќе се намалат во просек за 10 отсто
Владата на денешната седница одлучи да ги ограничи бруто-профитните маржи во трговијата на мало и големо за 102 групи производи, односно за над 1 000 прехранбени и непрехранбени производи. Дополнително, донесена е и одлука за утврдување на највисоки цени на одделни производи во трговија на мало и големо.
Заменик-министерот за економија и труд Марјан Ристески на денешната прес-конференција информира дека на пет отсто се ограничува маржата на осумте основни прехранбени производи и тоа: леб, брашно тип 400 и тип 500, јајца, масло за јадење, млеко, јогурт и кисело млеко.
Маржа од десет отсто се ограничува за група од 55 прехранбени производи како месо и преработки од месо, шеќер, млечни производи, маргарин, путер, конзервиран зеленчук и овошје, грав, ориз и тестенини. Ограничување на 15 отсто бруто-профитна маржа, пак, ќе се применува за 39 групи прехранбени производи и средства за хигиена и тоа: свежо овошје и зеленчук, детергенти, бебешка храна, пелени, сапун, тоалетна хартија и слично.
„Втората одлука којашто ја донесе Владата е утврдување на највисоки цени на осум групи основни прехранбени производи во трговија на големо и мало при што како највисоки цени се утврдуваат цените што се применувале на 1 февруари 2025 година“,
информира заменик-министерот за трговија и труд.
Двете одлуки ќе стапат во сила следниот ден откако ќе бидат објавени во службен весник и ќе траат до 30 април.
Целта на Владата со оваа одлука, како што изјави Ристески, е да се заштити животниот стандард на граѓаните, односно да се намалат трошоците за живот во потрошувачката кошничка.
„Нашите очекувања се дека со овие две одлуки цените на основните прехранбени производи кои се содржани во одлуката ќе се намалат во просек од 10 отсто, освен осумте прехранбени производи, за кои се очекува да останат на исто ниво односно да не се зголемуваат цените или да има минимално намалување на овие цени“,
додаде Ристески.