За седум компании изречени се прекршочни казни од 55 510 евра за немање резерви и неправилно водење евиденции, а за компанијата РКМ е утврдено дека имала декларирано производ како нафтен дериват за кој не се наплаќа акциза, иако станувало збор за мазут, поради што изречени се дополнителни давачки и прекршоци од над 24 000 евра
Прекршочни казни, решенија за привремена забрана и пуштање во промет на производи, забрана за работа и покренување постапки за одземање лиценци, се дел од мерките што ги презеде Владата по новинарските истражувања за увозот на сомнителниот мазут.
Резултатите од направените вонредни контроли денеска на прес-конференција ги соопштија вицепремиерот за борба против корупцијата Љупчо Николовски и министерот за економија Крешник Бектеши. Во контролите учествуваа и Царинската управа, Државниот пазарен инспекторат (ДПИ), Државниот инспекторат за животна средина и Бирото за метрологија, а собраните документации утрово завршиле и во Основното јавно обвинителство, кое понатаму треба да утврди дали има основи за кривично гонење и кај кого.
„Утрово целокупната документација со сите наоди и извештаи на надлежните институции, бидејќи си ја завршија својата работа, ги доставивме до Основното јавно обвинителство за понатамошно процесирање и постапување и евентуално утврдување од страна на овие органи во рамките на нивните надлежности за соодветна одговорност. Сето она што беше изготвено и доставено денеска е доставено до Јавното обвинителство“,
рече Николовски.
Кои се казните и за кого?
Прекршочните казни што се изречени се за седум фирми и се во вкупна висина од 55 510 евра. Тие се изречени поради немање резерви на мазут и неправилно водење на сметководствената евиденција во трговија на големо. Како што соопштија Николовски и Бектеши, седумте фирми за кои се изречени вакви прекршоци се: РКМ ДООЕЛ (за немање резерви и неточно водење сметководство); Супертрејд (за немање резерви); Евротим (за немање резерви); Пертинакс-Скопје (за немање резерви); Ли-оил ДБ Кавадарци (за немање резерви), Блу технолоџи (за несоодветна сметководствена евиденција) и Ка-оил Енерџи Кавадарци (за немање резерви, а утврдено е и дека вршела трговија за мазут без лиценца од РКЕ).
Покрај овие казни, за компанијата РКМ се изречени дополнителни давачки и прекршоци поради тоа што мазутот го декларирале како нафтен дериват за кој не е предвидено плаќање акцизи.
„При спроведената внатрешна контрола на Царинската управа, утврдено е дека кај една компанија – РКМ ДООЕЛ декларираниот производ не се совпаѓа со царинската тарифа под која е увезен, тоа значи дека производот што го увезувале бил деклариран како нафтен дериват што не подлежи на плаќање акциза и при дополнителна контрола утврдено е дека станува збор за нафтен дериват мазут што подлежи на плаќање акциза и е направен прераспределување на тарифна ознака и од фирмата се наплатени царински долг, дополнителни давачки и прекршоци во вредност од над 24 000 евра“,
рече Николовски.
Дел од фирмите што добиле парични казни се и на листата која ја прочита Бектеши за кои се преземени и дополнителни мерки, меѓу кои и одземање лиценци.
Конкретно министерот за економија соопшти дека кај компаниите:
Блу Технолоџи – констатирано е дека се продава мазут ППД кој како производ не е деклариран во Правилникот за течни горива. Поради тоа, ДПИ ѝ изрекол решение на фирмата за привремена забрана и пуштање во промет на пронајдениот производ. ДПИ доставил допис до Инспекторатот за животна средина за покренување постапка за одземање лиценца поради производство на производ кој го декларирале како мазут, а не соодветствува со параметрите во Правилникот за квалитет на течни горива;
Санс АГ од Штип – утврдено е производство на мазут од отпадни гуми за кој Инспекторат за животна средина констатирал дека не ги исполнува стандардите за квалитет. За оваа компанија изречена е забрана за работа и поднесено е барање за одземање на Б-интегрираната дозвола. ДПИ доставил допис до Инспекторатот за животна средина за покренување постапка за одземање лиценца поради производство на производ кој го декларирале како мазут, а не соодветствува со параметрите во Правилникот за квалитет на течни горива;
Евротим – утврдени се отстапки од граничните вредности на мазутот што оваа компанија го увезува односно параметрите за квалитет на мазут не одговарале согласно Правилникот. Двете цистерни од кои се земени мостри се вратени кај добавувачот, а дополнително земена е мостра и од складиштето на компанијата за што анализите се очекуваат во текот на денешниот ден. ДПИ на оваа компанија ѝ изрече решение за времена забрана за пуштање во промет на мазут;
Супертрејд – кај пет цистерни со мазут утврдено е отстапување на параметрите во Правилникот за квалитет на течни горива во делот на поголем процент на вода од дозволеното. Овие цистерни се вратени кај добавувачот. Дополнително после неколку дена кај оваа компанија е извршен уште еден инспекциски надзор, земени се нови три мостри кои е утврдено дека се во согласност со Правилникот.
Како што беше соопштено на прес-конференцијата, во текот на денот Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) ќе се состане за ваквите наводи и ќе одлучува за лиценците за мазут.
„Во текот на денешниот ден РКЕ ќе одржи вонредна седница и ќе ја информираме јавноста кај кои компании што е констатирано и кои постапки ги презема РКЕ“,
изјави претседателот на Комисијата, Марко Бислимовски.
До каде се вонредните контроли за моторните бензини и дизелот?
Пред десетина дена, министерот за економија Крешник Бектеши и новата в.д. директорка на ДПИ, Анета Симеска-Димоска, најавија дека почнуваат со засилени контроли на терен за сите видови нафтени деривати, конкретно на моторни бензини и дизел, а со помош на мобилната лабораторија на Бирото за метрологија.
Првичните анализи се направени, но Бектеши вели дека предвидени се неколку и кога ќе бидат готови ќе објават дали и кај кои компании има неправилности во однос на моторните бензини и дизелот.
„Точно е дека се направени контроли во пет бензински пумпи во најголемите компании кои работат и продаваат деривати. Имајќи ги предвид процедурите, предвидени се неколку анализи. Првично е направена првата анализа од страна на ДПИ во соработка со Бирото за метрологија со користење на мобилната лабораторија. Сега ги очекуваме и другите анализи од други акредитирани лаборатории, а секако дека таму каде што имало отстапки од правилниците секоја компанија има право да направи суперанализа. Откако ќе бидат завршени овие анализи ќе бидат објавени компаниите во случај да има неправилности“,
рече Бектеши.