Претходно денеска СДСМ ја обвини Владата дека склучила договор од речиси милион евра за опрема што, според опозициската партија, ќе се користи за партиската кампања на ВМРО-ДПМНЕ за локалните избори. Со исто обвинување излезе и Левица
Во писмено соопштение испратено до медиумите, Владата попладнево ги отфрли обвинувањата на СДСМ дека склучила договор вреден речиси милион евра за опрема што, според опозициската партија, ќе се користи за партиската кампања на ВМРО-ДПМНЕ за локалните избори. Претходно со исто обвинување излезе и Левица.

Од Владата велат дека станува збор за јавна набавка што со години се спроведува, а разликата, како што велат, е што сега се спроведува согласно законските процедури и принципите на јавна транспарентност.
„Набавката е склучена за изнајмување и ракување со опрема за симултан превод и аудио и видеоподдршка на настани во внатрешен и надворешен простор на временски период од две години, што значи дека исплатата ќе се врши исклучиво врз основа на реализацијата, а не однапред фиксирана сума. За споредба, во 2023 година Владата на СДСМ и ДУИ склучила договор на ист временски период во вредност од 30 000 000 денари без ДДВ, и тоа без рамковна спогодба, со што обврската кон буџетот била однапред целосно преземена“,
велат од Владата.
Обвинувањата на СДСМ и Левица оттаму ги оквалификуваа како резултат на безидејност и политичка немоќ.
„Наместо да понудат решенија за реалните проблеми на народот, се занимаваат со фабрикување лажни афери и деструктивни наративи. Дополнително, фактот што СДСМ и Левица синхронизирано коалициски манипулираат докажува дека сакаат да направат сензација од тема која е ништо повеќе од тековно работење на Владата“,
се додава во владиното соопштение.
Претходно денеска СДСМ ја обвини Владата дека склучила договор од речиси милион евра за опрема што, според нив, ќе се користи за партиската кампања на ВМРО-ДПМНЕ за локалните избори.